Владата на Република Северна Македонија на денешната тематска седница посветена на процесот на институционална децентрализација ги разгледа и усвои Дополнувањата на Информацијата за унапредување на процесот на фискална децентрализација вклучувајќи ги и критериумите за распределба на дотацијата од ДДВ согласно симулациите со предлог-заклучоци.
Владата донесе заклучок да се формира работна група за изготвување на соодветни законски решенија, за формирање на Агенција за регионален и локален развој, со по еден претставник од Министерството за правда, Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Бирото за рамномерен регионален развој и ЗЕЛС, чија работа ќе ја координира Министерството за локална самоуправа.
Меѓу заклучоците од оваа седница на Владата е задолжението за Министерството за правда, Министерството за финансии и Бирото за рамномерен регионален развој, и укажувањето до ЗЕЛС, да номинираат по еден претставник во работната група во рок од 10 дена од усвојувањето на овие заклучоци.
Оваа работната група треба да достави соодветни законски решенија за формирање на Агенција за регионален и локален развој до Владата на Република Северна Македонија најдоцна до крајот на 2021 година.
Владата го задолжи Министерството за финансии да го достави Нацрт-предлогот на Законот за дополнување и изменување на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа на мислење до сите надлежни министерства и до ЗЕЛС, и да изготви Предлог законски решенија по однос на горенаведените приоритети до септември 2021 година и да ги достави до Владата.
Извор: Влада