Буџетот во 2024 година се реализира во рамки на планираното. Во првиот квартал од 2024 година се реализирани приходи во износ од 69,4 милијарди денари што е за 4,8% повеќе во споредба со тој период од 2023 година и претставува 22,4% од планираното со Буџетот во 2024 година. Расходите се реализирани на ниво од 83,9 милијарди денари што е 24,4 % од планираното и за 20,1 % повеќе од лани. При тоа дефицитот реализиран во првиот квартал од оваа година изнесува 14,5 милијарди денари. При тоа во првиот квартал се извршени исплати во износ од 1,650 милијарди денари за реализација на антикризните мерки од 9-от пакет, 24,9% повеќе средства се реализирани за исплата на плати и надоместоци, 16,9% повеќе средства за социјални трансфери, 21,1 % повеќе за пензии, 28% за активни мерки за вработување, 16,2 % за здравствена заштита, 11,9% повеќе средства за блок и наменски дотации кон општините и камати кон домашни и странски кредитори за 100 % повеќе во споредба со првиот квартал од 2023 година.
Вториот квартал од годинава стартува со вкупни приходи во износ од 71 милијарди денари што е за 5,6% повеќе во однос на тој период 2023 година, на 2 април вкупните приходи се на ниво од 72,1 милијарда денари или за 6,4% повеќе во споредба со лани, на 3 април 73,6 милијарди денари и на 4 април 73,4 милијарди денари. Во овој период се остварени расходи во износ од 93,9 милијарди денари на 1 април, 94,6 милијарди денари на 2 април, на 3 април 95,6 милијарди денари и на 4 април 97,6 милијарди денари. При тоа дефицитот изнесува 22,9 милијарди денари на 1 април, 22,5 милијарди денари на 2 април, 21,9 милијарди на 3 април и на 4 април изнесува 24,2 милијарди денари.
Податоците кои ги евидентира Министерството за финансии преку Трезорот покажуваат дека на почетокот на месецот активностите се однесуваат на расходната страна, затоа што во првите денови од месецот се одвиваат исплатите како што се плати, пензии и други трансфери, додека активностите, односно приливите на приходната страна се регистрираат во текот на втората половина од месецот, односно на 15-ти во месецот се евидентираат приходите од акцизи, додека после 25-ти во месецот приходите од ДДВ. Заради тоа во почетокот на месецот се јавува повисок дефицит, а потоа со евидентирање на приливите на приходната страна состојбата се стабилизира.
Остварувањата на приходи по основ на даноци и придонеси во првиот квартал или заклучно со 31 март изнесуваат 63,7 милијарди денари или за 12,4 % повеќе во споредба со тој период во 2023 година. Даночните приходи во овој период бележат пораст од 11% во однос на реализацијата во истиот период претходната година. При тоа приходите од данокот на личен доход остварени во износ од 7,15 милијарди денари или се за 20,9% повисоки, данокот на добивка во износ од 5,6 милијарди денари или повисоки за 23%, ДДВ во износ од 17,1 милијарда денари или за 3,8% повисоки, акцизите во износ од 6,3 милијарди денари или за 7,8% повеќе и увозните давачки во износ од 2,9 милијарди денари или за 17,6% повисоки во споредба со првиот квартал од 2023 година.
Буџетот е ликвиден и редовно се сервисираат сите обврските. Приходите се собираат во согласност со планот (25% од приходите во секој квартал). Финасирањето на дефицитот е обезбедено и се одвива согласно планираното со усвоениот Буџетот за 2024 година во Собранието.
Извор: Министерство за финансии