Коњаниците што учествуваат на 43-тиот традиционален коњички марш по повод националниот празник Илинден тргнаа вчера од паркот „Јане Сандански“ и со дефиле низ главните булевари во Аеродром се упатија кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан им даде благослов.
Во црквата се одржа народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“.
На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, учествуваат 20 коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојчиња.
„Задоволство ми е што и оваа година го поддржуваме Илинденскиот марш организиран по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден. Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ. Илинден нѐ сплотува и нѐ обединува сите нас. Нѐ прави горди и сплотени граѓани на нашата заедничка татковина“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека Општина Аеродром финансиски го поддржува коњичкиот марш повеќе години и ќе продолжи и во иднина да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации во Аеродром.
28.7.2021
Општина Аеродром
Извор: Општина Аеродром