„Овој процес на оваа договорена цена за винско грозје ќе ја следи Земјоделскиот инспекторат на терен од првиот до последниот ден на откуп. Што значи тоа? Тоа значи дека на сите откупни места, на сите винарски визби ќе има распоредено земјоделски инспектори во две смени, согласно динамиката на откуп во текот на денот“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во утринската програма на Сител телевизија.
„Инспекторот ќе биде коректив и ќе следи дали процесот се одвива согласно правилата, прописите и договореното“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека секој инспектор ќе биде обезбеден со широмер. Секој земјоделец кој што ќе изрази сомнеж на неговиот квалитет во однос на мерењето од визбата, тука ќе е инспекторот за да направи дополнително мерење со цел да се увиди дали тоа е така.
„Овој процес на следење ќе биде за да ги елиминираме и најмалите сомнежи за злоупотреба“, нагласи Трипуновски.
Тој посочи дека верува дека земјоделците ќе бидат задоволни од целиот овој процес.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство