spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Јаневска изврши увид во реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски –...

МОН: Јаневска изврши увид во реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје

Првата фаза од реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје е речиси завршена, демонтиран е стариот мебел и столарија, електричните и водоводните инсталации, системот за греење и така натаму. Динамиката е согласно склучениот договор кој предвидува заокружување на активностите во рок од година и половина. За ова денеска информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која изврши увид во реконструктивните активности.

„Станува збор за темелна реконструкција, односно овој објект, како и сите останати треба да се трансформираат во енергетски ефикасни, да добијат нова фасада, прозори, инсталации, санитарии, нов систем за греење и така натаму, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби“, рече Јаневска, додавајќи дека наскоро се очекува да бидат издадени потребните дозволи од Град Скопје и општина Гази Баба за да започне и  реконструкција на вториот студентски дом – „Стив Наумов“ во Автокоманда.

„За реконструкцијата на овие два и останатите државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид обезбеден е буџет од 25 милиони евра, од Германската развојна банка и Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија“, рече министерката.

Објектите етапно ќе се затвораат и реновираат, а со оглед на тоа што и во моментов, и во следните години, ќе се објавуваат конкурси за сместување на студенти во државните сместувачки капацитети, Јаневска нагласи дека младите нема да бидат оставени да се снаоѓаат, туку на секој кој ги исполнува условите од конкурсот, ќе му се понуди алтернативно сместување во домовите каде интересот е помал, но и во ученичките домови каде има пристојни услови за сместување и престој. Процесот на аплицирање пак, вети дека ќе биде целосно транспарентен.

Извор: Министерство за образование и наука

Прочитајте