Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, извршија увид на капацитетите на новата Подрачна единица на МЗШВ, која наскоро ќе биде отворена во склоп на просториите на месната заедница Долно Лисиче, во Општина Аеродором. Ова е заеднички проект на Општината и Министерството, во интерес на локалното население од руралните средини.
„Земјоделскиот сектор постојано расте. Бројот на регистрирани земјоделски стопанства е во нагорна линија, особено кај младите и жените земјоделки. Тие се повеќе активно се вклучуваат како корисници на мерките и политиките на МЗШВ, креирани со цел да стимулираат и поддржат идеи и проекти со развојна компонента, кои ќе придонесат кон домашната економија.
Токму затоа, МЗШВ постојано работи на подобрување на условите на подрачните единици на МЗШВ, во насока на олеснет пристап до информации и услуги за земјоделците“ изјави министерот Хоџа. Тој дополни дека во Општина Аеродром досега немаше подрачна единица на МЗШВ, но во соработка со градоначалникот, обезбеден е простор во кој за скоро време ќе биде отворена за работа, нова подрачна единица за потребите на МЗШВ.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин изјави дека мотивот на општината да обезбеди простор за канцеларии е подобрување на руралната егзистенција на локалното население преку ефективно учество на луѓето од руралните делови и руралните заедници со менаџирање на нивните социјални, економски и еколошки потреби.
Новата подрачна единица набрзо ќе почне со работа, со што ќе се овозможи полесен пристап до услугите на МЗШВ за земјоделците кои гравитираат во овој реон.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство