spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Димитриеска-Кочоска - Ги консолидиравме и стабилизиравме јавните финансии, потврда добивме и...

МФ: Димитриеска-Кочоска – Ги консолидиравме и стабилизиравме јавните финансии, потврда добивме и од „Фич“

Покрај сите предизвици со кои се соочивме, успеавме да ги консолидираме, да ги исконтролираме и да ги стабилизираме јавните финансии и да ги испланираме до крајот на годината, а сето она што го направивме доби потврда и од Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, која воедно го потврди и кредитниот рејтинг на земјата, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ Сител.

„Голем предизвик беше да се надминат сите оние проблеми што беа оставени од минатиот период и затоа сме презадоволни што успеавме да го задржиме кредитниот рејтинг. Тоа е важно од аспект на каматните стапки што ги добиваме кога издаваме еврообврзници на меѓународниот пазар, но уште поважно е што од него зависи интересот на инвеститорите“, рече министерката и додаде дека е важно што „Фич“ дава позитивни проекции за иднината, коишто се темелат на политиките што се планираат, а кои беа споделени со „Фич“ на разговорите во Министерството за финансии.

Појасни дека проекциите на „Фич“ се во линија со проекциите од Фискалната стратегија, којашто беше усвоена минатата недела од страна на Владата, и дека во 2025 година се очекува консолидација и стабилизација во делот на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„Веќе го завршуваме Буџетот за 2025 година и со него буџетскиот дефицит ќе биде не повеќе од 4%, стапката на раст меѓу 3,5% и 3,7%, инфлација под 3%, а очекуваме и да нема зголемување на цените“, потенцира министерката.

Таа додаде дека растот се темели на инвестиции, поддршка на приватниот сектор, проекти во општините, инфраструктурни проекти и сл., а дека на среден рок со поголем раст на БДП ќе се намали и јавниот долг.

Во врска со состојбата на државната каса, потенцира дека во септември има посериозна наплата на буџетските приходи и тоа како во делот на Царинската управа, така и во Управата за јавни приходи.

„Станува збор за многу краток период, но имаме одлични резултати. Над 20% раст на приходите во Царината, повеќе од 15% на приходите од ДДВ. Позитивни резултати има кај сите даноци, освен мало потфрлање кај данокот на добивка“, рече министерката за финансии.

Таа најави дека договорот за кредитот од унгарската Експорт-импорт банка ќе се потпише во вторник и дека средствата треба да бидат уплатени до крајот на неделата.

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте