Државниот секретар, Дајанчо Ефтимов присуствуваше на тркалезната маса што ја организираше Советот на Европа во Скопје на која се дискутираше за препораките во Извештајот од Комитетот за заштита од тортура. Во обраќањето, Ефтимов се осврна на проблемите со кои се соочуваат затворските установи и неопходноста од реформи со цел да се овозможи ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица.
,,Состојбата е сериозна и ние сме свесни дека е потребно навистина многу голем труд и посветеност. Мора да воспоставиме правда и правна сигурност, да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да градиме подобра иднина за нашата држава. Реформите во затворскиот систем се повеќе од потребни и Министерството за правда и јас како државен секретар, со големо внимание ги следиме сите забелешки од Комитетот за заштита од тортура нотирани во Извештаите, бидејќи тие се потребен и се неопходен коректив во нашиот стремеж за достигнување на развиените системи на Европските држави”, рече Ефтимов.
Државниот секретар, Дајанчо Ефтимов порача дека нотираните забелешки во Извештајот од Комитетот за заштита од тортура се сфаќаат многу сериозно и во иднина ќе се работи на нивно отстранување.
,,Нашата работа допрва почнува и мора да бидеме максимално посветени, затоа што иднината зависи од нас. Нема да се лажеме дека ќе биде лесно. Нема да биде лесно. Од нас се очекува зрелост и сериозна посветеност. Да се држиме до планот за развој и да се бориме искрено, чесно, одговорно, – тогаш успехот ќе биде неизбежен и промените ќе бидат видливи “, порача Ефтимов.
Извор: Министерство за правда