Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, во пресрет на 29-тата Конференција на страните за климатски промени (COP29) што треба да се одржи на почеток на ноември во Баку, Азербејџан, денес учевствуваше на настан организаиран од УНДП за претставување на ставовите на нашата држава што ќе се презентираат на овој климатски самит.
На настанот на кој присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерката за енергетика рударство и минерални суровини Сања Божиновска, првиот вицепремиер Меџити ги претстави досегашните постигнувања во делот на стратешката и законодавната рамка во областа клима, предложени од страна Министерството за животна средина и просторно планирање, и усвоени од страна на Владата: 4 национални комуникации, 3 двогодишни извештаи за климатски промени, 2 национални придонеси кон Договорот од Париз, како и Долгорочна стратегија и Акциски план за климатска акција и Интегриран план за енергија и клима.
На предлог на Министерството за животна средина е иницирана постапка и усвоени се 5 закони за ратификација на Рамковната Конвенција на Организацијата на Обединетите Нации за климатски промени, Договорот од Кјото, Амандманот од Доха, Амандманот од Кигали и Договорот од Париз’ изјави во неговото обраќање Меџити, додавајќи дека во таа насока, подготвен е предлог на Закон за климатска акцијa, кој го уредува воспоставувањето на рамка за климатска акција.
Долгорочна визија е до 2050 година да биде просперитетна економија со ниска содржина на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија’, истакна Меџити.
Во однос на претстојната Конференција на страните, Меџити информираше дека COP29 ќе биде од суштинско значење за обезбедување на средствата за имплементација и поддршка, како и за потврдување дека секој посегнува по највисоката можна амбиција што ја одразува правичноста и принципот на заеднички, но диференцирани одговорности и соодветни способности, во светлината на различните национални околности.
Меџити најави дека со поддршка на УНДП, ќе започне изработка на првиот двогодишен извештај за транспарентност и 5-та Национална комуникација за климатски промени.
Извор: Влада