Потпретседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска денеска во Брисел учествуваа на тркалезна маса посветена на предизвиците на Европа во новите геостратешки односи во светот, организирана од Пријатели на Европа.
На дебатата учествуваа високи претставници на Европската Комисија и министри од европските земји, како и претставници на познати европски и светски компании, Во нивните излагања тие се обидоа да дадат одговори на теми во многу посложено опкружување во Европа, посебно со војната во Украина.
Комесарката за дигитална ера и конкуренција, Маргарит Вестиџер посочи дека конкуренцијата е важна за европската економија, но уште толку важно е и соработката на сите актери за обезбедување на подобра иднина, но и за солидарност и социјална инклузија.
Учесниците на дебата зборуваа и за напорите на владите и на ЕУ за вклучување на приватниот сектор како партнери во решавањето на суштински проблеми.
На тркалезната маса посветена на односите на Европа со САД и Кина како и улогата на НАТО, зборуваше поранешниот помошник на генералниот секретар на НАТО, Џејми Ши.
Претходно беше организирана и Гала вечер, на која пред околу 300 учесници за решавање на предизвиците на Европа зборуваше поранешниот италијански премиер Марио Монти.
Извор: Влада