На 17 и 18 ноември, делегација од Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваше на студиска посета во Службата за специјални истраги на Република Литванија, преку инструментот на Европската комисија за техничка поддршка и размена на информации (TAIEX).
Тема на студиската посета беше: Практики за организација и реализација на надлежностите – спроведување на дата аналитика во борба против корупцијата.
На дводневната студиска посета, на претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата им беа презентирани искуствата на Службата за специјални истраги во областа на аналитичкото антикорупциско разузнавање, начинот на спроведување, опсегот и дијагностичкото истражување, анализа на големи податоци, развивање на аналитичка инфраструктура со помош на вмрежување на интегрирани бази на податоци и анализа на информации од различни јавни и приватни извори, ИТ решенија, тактичка аналитичка поддршка за тековни истраги, аналитичка поддршка во планирање, координација и управување на истраги, проактивна детекција на ризици од корупција и можни корупциски активности, како и пристапот за мониторинг на имплементацијата на Антикорупциската стратегија.
Стекнатите искуства, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги искористи во унапредување на аналитичките алатки врз основа на докази и податоци, како и во обезбедување на подобро информиран процес на стратешко планирање во борбата против корупцијата.