Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ресми Ејупи го посети ООУ Исмаил Кемали во Чаир, каде под мотото „Јас сум новиот еко-херој“ се одржа еколошката едукативна работилница наменета за најмладите ученици во рамки на мултимедијалната национална кампања „Позитивна промена“.
На работилницата, на учениците им беа поделени пакетчиња со игри, боенки, лепенки и други едукативни алатки што ќе им помогнат на креативен начин да учат за важноста и начините на селекција на отпадот. Интерактивното учење беше поткрепено со кратко видео во кое учениците се запознаа со начините за правилно селектирање и одлагање на отпадот.
Најмладите покажаа голем интерес за содржините понудени во едукативните пакетчиња, а од интеракцијата со децата стана јасно и дека, благодарение на промовирањето на еколошки активности и воведувањето на еко-содржини во наставната програма, веќе расте свеста кај најмладите за селектирањето на отпадот и заштитата на животната средина, воопшто.

На влезот во училиштето беше трајно поставена табла со мотото „Јас сум новиот еко-херој“, со која учениците и посетителите ќе се мотивираат за развивање на позитивни навики и ќе се потсетуваат дека секој од нас има важен удел во заштитата и обезбедувањето на чиста и здрава животна средина.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање