Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. Министерот Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерот за животна средина, Изет Меџити беа во Општина Кисела Вода во која ќе се реализираат четири проекти со пари од државниот буџет, одобрени од првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. Владините претставници заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посетија речното корито на Мала Рада во Драчево, за кое во тек е изработка на проект за реконструкција и санација на постоечкото бетонско корито и на потпорните ѕидови.

Министерот Перински истакна дека Владата продолжува со поддршката за локалните самоуправи, најавувајќи значајни инвестиции во Општина Кисела Вода, вклучувајќи го уредувањето на речното корито на реката Мала Рада, што ќе спречи идни поплави и ќе придонесе за економски развој.

„Владата и нејзината заложба во насока на поддршка за сите локални самоуправи продолжува и понатаму, се со цел да помогнеме и да го подобриме животот на сите наши сограѓани. Денес сме во општина Кисела Вода, во населбата Драчево, каде што практично воведуваме градежни активности за изградба и уредување на речното корито на реката Мала Рада. Ова е многу значаен и битен проект за граѓаните кои циркулираат на оваа територија од општина Кисела Вода, поради тоа што во изминатите декади, нивните имоти и поседи беа загрозени кога се случуваше оваа река да надојде. Сите овие работи кои се случуваа во минатото, со имплементација на овој градежен зафат и проект ќе се превенираат, и во иднина нема да имаме вакви несакани случки и состојби. За пофалба е заложбата на Владата, бидејќи преку првиот Јавен повик за општина Кисела Вода издвои околу 160 милиони денари, а веќе во вториот Јавен повик предвидени се повеќе од 8 милиони евра, што значи дека покрај градежниот бум којшто ќе го доживее општината, индиректно ќе предизвика и економски бум. Практично тоа се и целите на оваа Влада, од една страна да ја стимулира економијата, а од друга страна да го подобрува квалитетот на живот на сите наши граѓани.“, изјави Перински.

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Кисела Вода, истакна дека инвестициите во општините се од клучно значење за развојот на локалната заедница, нагласувајќи ја посветеноста на Владата кон реализирање на проекти вредни стотици милиони евра.

„Навистина ми претставува чест и задоволство што сум денес овде со жителите во Кисела Вода. Секогаш кога се гради и се создава, неминовно е чувството на радост и среќа. Можам само да му честитам на градоначалникот, советниците и администрацијата, да им се заблагодарам на моите колеги од Владата, на потпретседателот и министерот за животна средина, министерот за локална самоуправа и неговиот заменик, како и на пратениците од овој регион, за нивната борба и желба да се направи проект повеќе. Можам да им посакам само така да продолжат и во периодот којшто следи. Потпретседателот и министерот за животна средина истакаа дека 350 милиони евра веќе се во оптек, но јас би додал дека на негова иницијатива и на негово залагање, проекти којшто во минатото бе закочени од поранешните министри, сега се откочени, и тука станува збор за дополнителни стотина милиони евра коишто ќе бидат распределени по општините преку Министерството за животна средина. На тој начин, веќе доаѓаме до бројка од половина милијарда евра, нешто што е историски значајно и нешто што досега било невозможно, а сега се случува“, истакна Мицкоски.

Вицепремиерот и министерот за животна средина, Изет Меџити истакна дека новата влада активно работи на подобрување на децентрализацијата, најавувајќи редовно реализирање на нови проекти со поддршка од 350 милиони евра за општините.

„Оние што не веруваа ќе можат да се уверат дека секој втор-трет ден ќе има пуштање на нови проекти, бидејќи новата влада исправа некои грешки од минатото, бидејќи децентрализацијата беше на многу ниско ниво во државата. Во минатото, градоначалниците и кога имаа идеи и проекти, немаа буџет да ги реализираат. Сумата од 350 милиони евра од новиот јавен повик се наменети токму за вакви проекти за решавање на конкретни проблеми на граѓаните. Владата не одлучува каде ќе се насочат овие средства, туку во координација со градоначалниците и со општинските совети, заедно одлучуваат кои проекти да се финансираат“, посочи Меџити.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски нагласи дека со поддршка од Владата започна уредувањето на речното корито, долгогодишно барање на граѓаните, со инвестиција од 30 милиони евра, со што ќе се спречат евентуални поплави и ќе се подобри квалитетот на живот во регионот.

„Го информиравме претседателот на Владата околу важноста на овој проект и повеќедецениското барање на нашите сограѓани од овој регион. Станува збор за речно корито коешто долги години бараа граѓаните да биде регулирано и уредено, бидејќи на овој потег во должина од 2,5 километри и инвестиција на Владата од 30 милиони, во минатото беше место од каде што практично беше една база на отпад, но и дополнително често пати се случуваше при надоаѓање на реката да бидат поплавени голем број домови и да бидат загрозени граѓаните. Сето тоа сега заминува во минатото, благодарение на Владата, бидејќи денес започнавме со уредување на ова речно корито. Пропратно со целиот проект, аплицираме во Владата и за дополнителен проект, облагородување на пешачка патека со целосно урбана опрема и осветлување. Дополнително, во нашата општина сме во фаза на реализација на уште еден сериозно капитален проект, односно целосно уредување и реконструкција на улицата Ѓорѓи Димитров во Кисела Вода, која е една од главните артерии во нашата општина, а сме и во финална фаза на тендерската постапка за избор на најповолен изведувач за доградба на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода“, информираше Ѓорѓиевски.