Министерството за информатичко општество и администрација (МИOА) информира дека во тек се активности за подобрување на правната рамка во однос на конкуренцијата во медиумскиот сектор и дека во тек е усогласувањето со законите на Европската унија (ЕУ).
– Фокусот е на подобрување на правната рамка поврзана со конкуренцијата во медиумскиот сектор со цел да се развие и да биде економски одржлива, како и зајакнување на правната и социјалната заштита на новинарите, и нивните работнички права. Наша цел е да ја подобриме правната рамка во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, со што ќе овозможиме поволна средина за слобода на медиумите и слобода на изразување – информира Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација.
Нашите проекти, додава тој, особено ќе се фокусираат на фундаментална заштита на слободата на изразување, конкуренција и одржливост на медиумскиот пазар, работни односи и социјална заштита на новинари и медиумски работници, онлајн медиуми и нови платформи, финансиска и уредувачка независност на радиодифузерот, независноста и ефективноста на регулаторното тело за медиуми, социјална инклузија, државно финансирање и поддршка за медиумскиот сектор, комерцијално влијание врз уредувачката содржина, проблеми со авторските права, медиумски пристап за малцинствата и ранливите групи.
„Сите овие процеси ќе се спроведат во широка консултација со засегнатите страни, преку Националниот совет за реформи во медиумите што се воспоставува“, нагласува министерот Шаќири.
Извор: Министерство за информатичко општество и администрација