Министерот за животна средина и просторно плaнирање Насер Нуредини, Министерот за надворешни работи Бујар Османи и Министерот за економија Крешник Бектеши, придружувани од пратеници на зоната, извршија увид во градежните активности за изградба на фекалниот колектор и фекалната и атмосферската канализација за Урбан блок 21 во Гостивар.
Министерот Нуредини во изјава за медиумите истакна дека со овие капитални инвестиции го подигнуваме квалитетот на живеење, инвестираме во заштита на животната средина, и се грижиме за секој граѓанин, бидејќи секој заслужува достоинствени услови за живот и благосостојба.
„Средствата, од околу 130 милиони денари, за конкретниот проект се обезбедени од буџетот на Министертството за животна средина и просторно планирање, и треба да опслужи 2720 жители на Урбан блок 21 во градот Гостивар“, истакна Министерот Нуредини.
Вкупната должина на фекалниот колектор изнесува околу 4,7 км, додека вкупната должина на канализационата мрежа за Урбан блок 21 изнесува околу 2.8 км. Истотака, со проектот е предвидена и изградба на атмосферска канализација со должина од 2,4 км.
Покрај овој капитален проект, од буџетот на МЖСПП, во последните години беа обезбедени и реализирани различни проекти, како што е: подготовка на техничка документација за изградба на канализациониот систем во село Равен (900.000 денари), изградба на фекална канализација во село Чајле (5.503.462 денари), Чистење на диви депонии (7.053.096 денари), проектот за подготовка на техничка документација за изградба на канализациониот систем во село Форине (500.000 денари). Од буџетот за 2021, истотака се обезбедени 6.000.000 денари за изградба на канализациски систем за населените места Чајле, Форина, Млаки и Зона 7, за чиј почеток е потребно е да се достави документација од страна на општина Гостивар.
Дополнително, со оглед на важноста на депонијата Русино за граѓаните на Гостивар, Министерот Нуредини нагласи дека брзите мерки во Русино се веќе реализирани и ја најави втората фаза на проектот, за која се обезбедени дополнителни средства како грант во износ од 6,000,000,00 CHF од Владата на Швајцарија како и 17.370.614,00 евра заем од од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој) за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во сите општини на полошкиот регион.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање