Во организација на Музејот на современата уметност – Скопје, денеска почнува 13. Меѓународно биенале на млади уметници, со наслов „Страст за лутање“, на кое ќе бидат изложени дела на над 30 локални, регионални и меѓународни уметници.
Биеналето ќе се отвора последователно на четири различни локации низ Скопје. Па така, денеска во 20 часот ќе биде отворена изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај во 20 часот публиката ќе има можност да види дела на млади уметници изложени во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај во 20 часот ќе има отворање во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај во 13 часот. Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат: Мартина Пенева, Aka Thesaur, Еми Ермилова и џез-составот „Светлост“.
Селектирани се дела на уметници од С. Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… Меѓу нив, уметници со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и во Италија.
Целта на годинашното Биенале е да се прошири и да излезе од рамките на архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори како примери за модернистичко архитектонско наследство на Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.
Во рамките на едукативно-дискурзивната програма ќе бидат организирани серија предавања и работилници посветени на млади куратори и уметници, како и предавања посветени за млади уметници, каде што ќе бидат претставени дела на уметници кои изложувале на биенале во последниве години и ќе се образложи како тие може да аплицираат и да се вклучат на некое биенале.
Извор: Министерство за култура