Во рамки на Виенскиот Економски Форум, премиерот Зоран Заев на второто обраќање зборуваше за условите и поддршката на странските инвеститори во земјава како и за проектите со фокус на енергетика, инфраструктура, гасификација кои се дел од Единствениот список на проекти усвоени од Владата на Република Северна Македонија, како приоритетни за искористување на предвидените средства од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Станува збор за вкупно седум апликации, две за техничка помош и пет за грантови за инвестиции.
Премиерот Заев истакна дека двата проекти за техничка помош се гасната врска помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија како и спроведување на енергетска ефикасност на јавните институции. Останатите пет проекти се доставени за искористување на грантови како приоритетните од Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан.
„Станува збор за станица за третман на отпадни води во град Скопје од 71,3 милиони евра за проектирање и изградба на централна постројка за третман на отпадни води во две фази. Понатаму за изградба на дел од железничкиот коридор 8, Крива Паланка – Деве Баир, за изградба на 23,4 км од третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија и за електрификација за првата и втората делница.
Следно е воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив регионален систем за отпад за Полошкиот регион, со цел да се исполнат пропишаните стандарди и регулативите на ЕУ за депониите. Четвртиот Проект e за соларен фотоволтаик Битола 1 од 20MW, вклучувајќи набавка и инсталација на дополнителни 10MW наменети за Осломеј 2, а петтиот е за набавка и инсталација на фотоволтаик од 10MW за Осломеј 1 како продолжение на заложбите за премин на нашиот енергетски сектор кон обновливи извори на енергија“, рече Заев.
Во однос на поддршката на интересите на странските инвеститори премиерот Заев рече дека за една година во услови на пандемија, имаме 12 нови странски директни инвестиции, кои се во фаза на реализација, потпишување на договори или во фаза на преговори.
„Во моментов, има 34 капацитети, во сопственост на странски инвеститори од САД, Канада, Народна Република Кина, Германија, Италија, Турција и други земји кои работат во зоните и генерираа приближно 3,3 милијарди евра извоз во 2020 година, што е 47% од извозот на Северна Македонија. Досега овие компании инвестираа приближно 1 милијарда евра. Овој успех е резултат на новиот пристап на Владата за поддршка и промовирање на високо квалитетни инвестиции кои носат поголема додадена вредност во земјата, генерираат солиден профит, со што придонесуваат за буџетот на државата, создаваат стабилни и добро платени работни места и вклучуваат повеќе локални капацитети во синџирите на снабдување“, рече Заев и додаде дека новиот пристап вклучува едношалтерски сервис, внимателно следејќи ја меѓународната практика за бенефитите на инвеститорите и државата да бидат загарантирани.
Премиерот Заев повикувајќи ги инвеститорите да ги искористат поволностите за вложување во Северна Македонија, подвлече дека постигнавме висок раст за сите инвеститори, со вкупно производство од слободните зони што достигна 3,4 милијарди евра во 2020 година.
„Инвестициите учествуваат со 45% во вкупниот извоз на национално ниво и учествуваат со 6-8% во националниот БДП. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони е фокусна точка за инвеститорите кои бараат поддршка да инвестираат во слободните економски и индустриски зони на Северна Македонија и останува клучен партнер за над 34 странски инвеститори во технолошките индустриски развојни зони. Економијата во зоните во првиот квартал од 2021 година порасна за 30% во споредба со истиот период во 2019 година и 41% во споредба со 2018 година, што го прави рекордно високо во последните 4 години. Позитивниот тренд продолжува и во април – имаме 7% раст на извозот во споредба со претходниот месец или 279 милиони евра. Во првите 5 месеци од оваа година потпишавме 5 нови договори со сегашни и нови инвеститори. Вредноста на овие договори надминува 65 милиони евра во обем на инвестиции. Дури и во време на пандемија, компаниите во зоните одржуваат стабилен број на вработени, над 14 000 вработени со тренд на зголемување. Во моментов 22 компании, сегашни и потенцијални инвеститори, официјално ги изразија своите намери за инвестиции и во тек се преговори, со вкупен обем на инвестиции од над 300 милиони евра и нов план за нови 5.500 работни места“, рече Заев и додаде дека во следните недели се очекува затворање на најголемиот договор за странски директни инвестиции досега во Северна Македонија, со инвестиција поголема од 100 милиони евра.
Извор: Влада