Денес, во просториите на Министерството за надворешни работи се одржа инаугуративен состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика. На состанокот, воведно обраќање имаше министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ги претстави целите на воспостувањето на ова советодавно, експертско тело во рамки на стратешкиот проект на МНР – “Рефлексија 2030”.
“Рефлексија 2030” предвидува активен и широк општествен консултативен процес што се темели врз три основни столба: формирање на Стратешки совет за надворешна политика, одржување на ад-хок тематски Конференции и серија панели со интересни групи со цел зајакнување на линкот со јавноста и граѓанскиот сегмент на општеството. Целите на проектот “Рефлексија 2030” е да овозможи еден нов “пристап заснован на инпути и експертиза” преку кој ќе се соберат, евалуираат и канализираат разните мислења и ставови за стратешкиот надворешно-политички курс на државата.
“Крајна цел на овој проект е изработка на сеопфатна стратегија која ќе понуди еден поинаков светоглед, збир од различните аспекти, еден вид рефлексија на различни леќи, заснован врз инклузивност и партиципативност на сите релевантни општествени чинители. Внимавав да добиеме широка општествена интелектуална и експертска претставеност. Не се ограничив да поканам и поединци кои имаат цврст и јавен политички став, но кои во исто време се ослободени од притисокот на дневната политика.” – изјави МНР Османи.
На состанокот беа разгледани насоките и беа разменети мислења околу процесите на развивање на десетгодишна стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија.