Во Центарот за култура во Битола е отворена 46-тата Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“. Над 500 цртежи на ученици од целата држава чија инспирација е трацидијата и културата, се поместени на изложбата. Пред присутните се обратија директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски, претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски и градоначалничката Наташа Петровска, која ги додели наградите на најуспешните.
„Нема поголемо задоволство од вакви моменти кога човек има две причини да се радува. Едната е показател дека имаме традиција на една манифестација која што го чува македонското, нашите културни белези, а втората затоа што токму од најмали нозе, ги учиме најмладите да се почитуваат себеси, да ги почитуваат нашите вредности, бидејќи ние и тоа како имаме што да му покажеме на светот. 46 години на оваа манивестација покажуваат топол, широк, добар пристап на она што значи себепрепознавање и покажување кон светот дека на овие простори има нешто што претставува прекрасно мозаично камче од светските вредности“, рече градоначалничката Петровска.
Петровска упати честитки до организаторите на изложбата Центарот за култура Битола и до наградените ученици. Директорката Андоновска Илијевски посебно се заблагодари и на наставниците ментори кои им помагаа на учениците при изработката на нивните творби.
Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ е воспоставена во 1975 година и е најстара од овој вид во нашата држава, па и пошироко.
Извор: Општина Битола