spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Фискален стимул за заздравување, забрзан економски раст и фискална консолидација

МФ: Фискален стимул за заздравување, забрзан економски раст и фискална консолидација

Минатата недела се одржа првата заедничка научна конференција на Министерството за финансии и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Конференцијата беше посветена на предизвиците за фискалната политика што ги донесе кризата предизвикана од ковид-19 и очекувањата за посткризниот период. На неа учествуваа над 30 еминентни економисти – академиците Фити, Беџети, Петрески и Зеќири, гувернерката Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Митреска и директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување Давидовска-Стојанова, професорите и поранешни министри за финансии Поповски, Славески и Тевдовски, потоа низа други колеги кои ги сметам за исклучително квалитетни професори и научници меѓу кои Бишев, Стојков, Узунов, Трпески, Мазлами, Абази-Халили, Филиповски, Мојсовска-Блажевски, Наќева-Ружин, Треновски, како и колегите Ковачевски, Таст и Елези од Министерство за финансии и многу други помлади професори коишто имаа навистина интересни и корисни анализи. Исто така, обраќања имаа и претставници на Европската комисија, Светска банка и ММФ.

Оваа конференција e од исклучително значење од две причини, првата е подготвеноста на Владата за инклузија на научната заедница во креирањето на идните стратегии и политики и втората – синергија на добри решенија, којашто неминовно ќе произлезе од соработката со академската заедница.

На мое големо задоволство, оваа соработка со МАНУ помина исклучително добро. Привлековме успешни автори, со навистина детални анализи, коишто набрзо ќе ги објавиме во зборник на трудови од конференцијата. Оваа колумна ја посветувам на заклучоците што произлегоа од дискусијата, а воедно ќе изнесам и некои свои размислувања за идните чекори во фискалниот дел.

Генералните заклучоци од конференцијата беа дека:

  1. фискалната политика мора да продолжи да го стимулира стопанството на неговиот пат за заздравување;
  2. средствата за финансирање на фискалниот стимул (во најголем дел) треба да се „увезат“;
  3. фискалната консолидација е императив на среден рок.

Понатаму ќе се надоврзам на секој од овие заклучоци.

 

Антикризни мерки – сѐ додека економијата не „застане на здрави нозе

Извесно е дека опоравувањето на економијата од ефектите од корона-кризата започна. Од почетокот на годината се забележуваат позитивни економски резултати. и глобално и кај нас.

Неодамна заврши и мисијата на ММФ во земјава, којашто констатираше дека нашата економија започна да заздравува. Тоа впрочем се гледа и од статистичките податоци од почетокот на годинава. Извозот во првото тримесечје забележува раст од 18%, а увозот раст од 14,1%. Трговската размена во март во однос на лани забележува висок раст од 35,5%, додека извозот раст од 36,7%. Индустриското производство во март, за првпат од почетокот на кризата, забележа повисок раст, којшто изнесува 7,6%, со раст на преработувачката индустрија од 6,2%. Подобрени се очекувањата на деловните субјекти во април во однос на зголемување на обемот на производството, обезбеденоста на произведеното со нарачки и намалување на постојните залихи. Искористеноста на производствениот капацитет исто така расте, со 71,7% искористеност во април, што е на ниво од преткризниот период. Кредитирањето во април забележа раст од 5,7% на годишно ниво, со раст и кај домаќинствата и во корпоративниот сектор, додека депозитите имаат раст од 6,9%.

Опоравувањето на економијата се должи на постепеното суспендирање на здравствените мерки, глобално и кај нас, како и процесот на забрзана имунизација, што влијае врз нормализација на синџирите на добавување и раст на искористеноста на деловните капацитети. Исто така, тоа се должи и на мерките што Владата ги донесе за поддршка на стопанството и граѓаните и олеснување на ефектите од кризата. Пресметките на Министерството за финансии покажуваат дека благодарение на преземените мерки, падот во 2020 година е амортизиран за 4,2 процентни поена, односно без нив ќе достигнеше дури 8,7%. Истовремено, преземените мерки придонесоа за задржување голем број работни места (стапката на невработеност во 2020 година е намалена за скоро еден процентен поен во однос на 2019 година). Исто така, просечната плата продолжи да расте во континуитет и покрај кризата (годишен раст од 7,8% во 2020 година во однос на 2019 година).

Од почетокот на кризата донесени се шест пакети мерки во вредност од околу милијарда и двесте милиони евра. Тоа е околу 11% од БДП. Вкупниот фискален стимул ги опфаќа не само директните буџетски трошоци, туку и даночните олеснувања и ослободувања, расположливите гаранции и сл. За споредба, согласно податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4% од БДП во Бугарија, 3% во Босна и Херцеговина, 3,3% во Албанија, 4% во Црна Гора, 5% во Косово, 7% во Хрватска, Србија со 13,6% и Грција и Словенија со околу 14% од БДП.

Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, поголем број од земјите продолжуваат со фискалниот стимул и во 2021 година. Доколку се разгледуваат примерите на горенаведените земји од регионот: Словенија во февруари 2021 година го донесе осмиот пакет-мерки во вредност од 320 милиони евра; Србија во април донесе нови мерки за субвенционирање на платите, финансиска поддршка на граѓани со над 18 години и пензионери, финансиска поддршка за невработените, поддршка за транспортерите и хотелиерите во вредност од 2,3% од БДП; Косово издвои нови 1,7% од БДП за трансфери кон фирмите и граѓаните; Црна Гора во јануари годинава го донесе четвртиот, додека во април петтиот пакет антикризни мерки, додека Република Северна Македонија во февруари и април ги донесе петтиот и шестиот пакет-мерки.

И големите развиени економии продолжија да носат пакети економски мерки во 2021 година. Земјите од Г20 од почетокот на кризата досега имаат издвоено сериозни суми за фискален стимул. Изразено како процент од БДП, Јапонија издвоила 56%, Германија 39,3%, Италија 37,7%, Франција 23,8%, САД 22,5%, Австралија 19,5% Канада 18,6% итн.

Препораките на ММФ се во насока да се продолжи со поддршка на стопанството и граѓаните, сѐ додека трае заздравувањето. Еден од аспектите е дека корпоративниот сектор има потреба од поддршка поради проблеми со ликвидноста и солвентноста во време на криза, особено кај контакт интензивните индустрии, како и кај микро и малите претпријатија. Вториот аспект е дополнителна заштита на финансискиот систем, односно дека без интервенција на фискалната политика може да дојде до висок раст на нефункционалните кредити од фирми коишто ќе се задолжат за да ги надминат последиците од кризата, а потоа нема да бидат во можност да ги сервисираат истите.

Оттаму, стојалиштето до коешто дојдовме е дека е неопходно да се продолжи со поддршката на фирмите, но и на граѓаните (од социјален аспект) за да може да продолжи заздравувањето на економијата. Настојувањата, секако, ќе бидат во насока новите мерки што ќе се носат да имаат истовремено и развоен карактер, односно покрај поддршката што ќе ја даваат да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања.

 

Увоз на капитал за стимулирање економски раст и релаксација на монетарната политика

Откако установивме дека финансиската поддршка мора да продолжи и понатаму, следно прашање е како истата ќе се финансира. Имено, од почетокот на кризата, поради падот на наплатата на приходите и истовремено високиот раст на расходите за потребите за финансирање на здравството и антикризните мерки, буџетските дефицити кај скоро сите земји растеа, што пак придонесе за зголемување на државниот долг. Ако ги земеме предвид земјите од регионот, може да забележиме дека оние што имаат дадено највисок фискален стимул имаат и најголем раст на долгот. На пример, во 2020 година, согласно податоците на ММФ, кај Словенија и Грција има значително зголемување на државниот долг за 15 процентни поени, односно за 24,3 п.п. респективно.

Новите мерки ќе создадат потреба за нови финансиски средства. Новите финансиски средства треба да се донесат до инвеститорите преку различни механизми,. На тој начин ќе се постигне повеќекратен позитивен ефект за економијата. Прво, ќе се компензира падот на паричните дознаки од странство и намалените странски инвестиции (до моментот на нивно задоволително закрепнување). Второ, ќе се избегне ефектот на „истиснување“ на реалниот сектор, односно достапноста на капитал за стопанството од домашни извори на финансирање. По издавањето на еврообврзниците во 2020 и 2021 година дојде до релаксација на монетарната политика, односно забрзување на растот на паричната маса од 8% пред почетокот на кризата на 10,1%, како и намалување на каматните стапки на пазарот на пари на историски најниско ниво на 1,25% во март 2021 година. Може да се заклучи дека финансирањето на буџетските дефицити преку странски извори, од една страна ќе го стимулира економскиот раст, а од друга создава услови за релаксација на монетарната политика.

Истовремено, и другите централни банки во светот ја релаксираат монетарната политика, вклучително и Европската централна банка. Тоа го прави странскиот капитал поевтин и подостапен. Така, во март ја издaдовме осмата еврообврзница, со историски најниска каматна стапка од 1,625%, којашто забележа огромен интерес кај инвеститорите, 2,3 пати повисок од понудената сума. Споредбено гледано, просекот на каматите од сите претходно издадени еврообврзници изнесува 5,05% и е за 3,1 пати повисок од каматата на последната еврообврзница.

При задолжувањето, секогаш треба да се има на ум дека трошокот треба да биде помал од бенефитот што ќе го продуцира, односно идните стапки на раст на бруто-домашниот производ треба да бидат доволни за да го финансираат долгот (g>k). Конкретно, еврообврзницата што ја издадовме сега во 2021 година има економска оправданост, ако се земе предвид дека каматната стапка изнесува 1,625% додека проектираниот раст на БДП е најмалку 4,1% или 5,6% номинален раст, односно за 3,5 пати повисок во однос на каматната стапка на еврообврзницата.

 

„Златното правило“ на економскиот раст и јавните финансии

„Златно правило“ на економски раст, според теориите на раст, се смета нивото на кое соодносот на потрошувачката и заштедите, односно инвестициите, обезбедува ист фонд на капитал по ефективен вработен, имајќи ги предвид амортизацијата, растот на населението и технолошкиот развој и со тоа да обезбедат константни приноси на обем (економски раст). Сепак, ендогените модели на раст во оваа равенка ја додаваат и улогата на економските политики во генерирање раст преку поттикнување на генераторите на раст – поддршка на човечки капитал, иновации и знаење со цел зголемување на продуктивноста на економијата. Оттука се надоврзува и прашањето за финансирање на растот, односно јавните финансии, буџетскиот дефицит и јавниот долг. И во однос на овие прашања, во економската наука е отворена дебата и истата продолжува и во однос т.н. „златно правило на јавните финансии“, односно задолжување само за јавни инвестиции (продуктивни цели). Но тоа за што може да се каже дека има консензус во однос на јавните финансии, е фактот дека фискалната консолидација на среден рок претставува важен фактор во обезбедување одржлив раст. Со едноставни зборови кажано, доколку сакаме да финансираме раст, ако немаме доволна сопствена заштеда, истото можеме да го направиме со задолжување, но тоа мора да е економски оправдано за да може да обезбеди одржлив раст. И ова, гледано интертемпорално, меѓугенерациски, ако се задолжуваме денес тоа значи дека треба утре да се врати, што пак значи дека ако инвестираме денес, утре треба да се видат и бенефитите, или ако една генерација се задолжува а друга треба да врати, секако дека тие треба да ги имаат и бенефитите од таквата одлука.

 

Консолидацијата и економскиот раст 

Растот на буџетскиот дефицит и на државниот долг во текот на минатата година, односно со почетокот на корона-кризата, беше карактеристичен за скоро сите економии во светот. Во Европа, единствено кај Норвешка има негативна промена на државниот долг во 2020 година во споредба со претходната година за -1,3 процентни поени. Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем раст на државниот долг во Европа за 2020 година во споредба со 2019 година има Шпанија со раст од 27,5 процентни поени или актуелен државен долг од 123% од БДП, потоа Италија со раст на долгот од 27 процентни поени или државен долг од 161,8 % од БДП и Грција со раст од 24,3 процентни поени и државен долг од 205,2% од БДП. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3% од БДП, следува Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81% од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7%. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, коешто според процените на ММФ во извештајот за македонската економија од април 2020 година не надминува 70% од БДП.

Оттаму, важно е уште отсега да се има добар и прецизен план за фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, без притоа да се делува на економскиот раст.

Фискалната консолидација планираме да ја постигнеме преку: I. подобрување на наплатата на буџетските приходи (преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн.), II. намалување и реструктурирање на буџетските расходи (преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, иновации и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите итн.) и III. промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит (План за финансирање на заздравувањето и раст на економијата).

Мора да се истакне дека низ годините дошло до таква поставеност на Буџетот, така што процентот на дискрециони буџетски расходи е мал и просторот за фискална политика е ограничен.

Планирано е намалување и на тековните расходи преку рационализација на расходите на јавната администрација, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизација и реорганизација на јавниот сектор, како и дигитализација на голем дел од јавните услуги. Во насока на рационализација на расходите, се става акцент и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи преку воспоставениот механизам КАПЕФ за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи, понатаму методологија за оцена на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст – ПИМА и методологија за оцена на реализацијата на капиталните инвестиции преку Паметни клучни индикатори за успешност (Smart Key Performance Indicators), како и воведување тела за следење на извршувањето на капиталните инвестиции.

Преку Планот за финансирање на заздравувањето и забрзаниот економски раст сакаме да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, а притоа да останеме на зацртаниот курс за намалување на фискалниот дефицит на среден рок и со тоа задржување на долгот на стабилно ниво. Главната поента е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од Буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа ќе се зголемат вкупните инвестиции, ќе се забрза растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места. Планот се состои од креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти и проекти на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти коишто се наведени во рамките на Националниот инвестициски комитет (НИК), како и нови проекти коишто кои ќе произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.

Забрзувањето на економскиот раст на среден рок ќе делува и во насока на стабилизирање на долгот заради зголемување на фискалниот простор за негово сервисирање. Преку редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) планирано е забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст. Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно. Истото е планирано да се постигне преку креирање поконкурентна деловна клима, извозно ориентирана со силна поддршка на претприемништвото и на иновациите, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите, модернизација на секторите каде што имаме компаративна предност, даночна реформа, сузбивање на сивата економија, дигитализација на економијата, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, мерки за поголема активност на работоспособното население, ориентација кон „зелена економија“ итн.

На крајот би сакал да истакнам, дека ваквата форма на консултации со академската јавност ќе стане практика, бидејќи сакаме науката, како и сите инволвирани општествени чинители, да бидат дел од носењето добри решенија коишто ќе ги дадат потребните резултати. Исто така, би сакал и да им се заблагодарам на сите учесници на конференцијата коишто дадоа придонес со своите трудови, анализи и идеи.

Фатмир Бесимиминистер за финансии

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...