По повод 20 Мај, Денот на пожарникарството, во кругот на станицата на
прилепската Територијална противпожарна единица, градоначалникот Илија
Јованоски оствари средба со пожарникарите, кои во текот на денот беа на работна смена.
Првиот човек на општината, од лично име и во име на сите граѓани на општина Прилеп, на припадниците на противпожарната единица им упати благодарност за нивното професионално извршување на задачите, за нивната
пожртвуваност во обезбедувањето заштита на имотите и животите на граѓаните.
„Извршувајќи ја својата професија, во многу ситуации ризикувајќи ги и сопствените животи за да спасат нечиј друг, прилепските пожарникари
покажуваат дека се секогаш на висина на задачите и дека нивната работа е од
витално значење за општината и безбедноста на нејзините граѓани.
Докажувајќи ја нашата заложба за модернизација на Територијалната противпожарна единица, во изминатиот период набавени се дополнителни три противпожарни возила и значителна опрема за потребите на пожарникарите.
Вложувајќи во техничките и човечки капацитети на противпожарната единица,
вложуваме во безбедноста на сите наши сограѓани“, истакна градоначалникот
Јованоски, во неговото обраќање до пожарникарите. Инаку, од почетокот на годината до денеска, Територијална противпожарна
единица имала вкупно 247 интервенции, во урбана средина и на отворен терен. Додека, пак во текот на истиот период од претходната година,
евидентирани се 273 интервенции на прилепските пожарникари.
Извор: Општина Прилеп