Добра вечер за енергијата, за пркоста и за носителот на промените;
Добра вечер за вистинската сила на ВМРО-ДПМНЕ;
Добра вечер за иднината на нашата земја Македонија, за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ;
Добра вечер и за членовите на Извршниот комитет, Унијата на жени, Унијата на ветерани, Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ;
Добра вечер победничка Битола!
Ви се обраќам овде од Хераклеа, од местото кое не само што сведочи за историјата, туку од денес натаму ќе покажува светоглед кон иднината, затоа што од тука започнува големата победа на ВМРО-ДПМЕ и затоа слоганот на овој 30 роденден на УМС е „Ние сме иднината“. Запаметете го овој слоган „Ние сме иднината“, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога се договaравме со Сергеј за одржувањето на оваа годишна конференција, еден од соработниците ми посочи дека можно е времето да е врнежливо и постои ризик луѓето да се поколебаат поради можната бура. Бев сигурен дека Хераклеа ќе биде полна, но и дека ќе грми, ќе грми од млади грла чии срца татнат за Македонија, за промени и за нова, сигурна иднина.
А што е еден дожд, кога Македонија е во прашање? Затоа УМС – Ние сме иднината, наша е оваа борба која е битка на нашата генерација, судбоносна борба за правдини, за подобар живот и за она што е наше право, наш долг и наш завет, а тоа е ни помалку, ни повеќе Македонија.
Ако ВМРО е чуварот на Македонија, Унијата на младите сили е чуварот и моторот на ВМРО-ДПМНЕ цели 30 години. 30 години расадник на кадри, двигател и енергија на промените, авангарда која трае, иднината на нашата партија, но поважно – иднината на нашата Македонија. И затоа и за мене, но и за секој еден член УМС е повеќе од тело во партијата, таа е емоција, спомени, дружби, арчење за идеја. Први на барикадите, протестите, први во судирот со мафијата. Први во бунтот за нашата Македонија!
Затоа, УМС, честит и вековит да ти е роденденот! Сакам да ви го посакам да продолжите да бидете свои, да бидете слободни, дабидете бунтовни. Да не престанете да сонувате и да се борите за свои идеи. Да ја сакате слободата, правдата, да се борите за промените во земјата, да се борите за она што е ваше право, но и обврска. И секогаш, секогаш ќе ја имате мојата поддршка. Бидете силни, бидете енергични, народот во нас гледа шанса за промени и решенија од тешкиот живот. И не смееме да ги разочараме. Едноставно не смееме и го немаме тоа право. Затоа ќе бидеме заедно на улиците и на теренот, заедно ќе се бориме, ќе тагуваме, но многу повеќе ќе се радуваме и заедно ќе победиме. Ќе победиме и заради сите удари што ги добивме и не’ направија посилни. Ќе победиме за сите сопки, потценувања, омаловажувања кои не направија подостоинствени и посигурни. Заради сите скептици, платени или не, но ќе победиме највеќе за сите чесни луѓе кои во нас гледаат надеж. Топката е во наши нозе, а ние ќе даваме голови.
УМС, Дали сте подготвени? Дали сте подготвени да ве прашам уште еднаш? За кого? За кого да не слушнат?!
Драги пријатели, браќа и сестри,
Гледам во изминативе неколку дена почна еден чуден вештачки натпревар во дел од медиумите, за тоа кој бил со едните или кој бил со другите. Па дури и дел од оние пара-аналитичари почнаа да ни редат и зборови во уста, па тие самите да пишуваат некаква црна листа. И нормално во вештачкиот лажен амбиент создаден од лажните кујни на власта на прво место им е ВМРО-ДПМНЕ па 10 празни места, демек тоа е тоа. А делот во одлуката на претседателот Бајден каде јасно кажува дека се однесува и на корупција и криминал која се знае дека е широко распространет, стимулиран и заштитен од власта, не кажуваат ниту збор. Нема толку хартија, колку што има криминалци и корумпирани политичари во власта за таа црна листа.
Не ќе е ниту до тоа и дека не ги знаат нашите прозападни ориентации, или пак до толку да се незнајковци по историја па да не ја знаат генезата на ВМРО и дека во својата основа ја има борбата за своја Република, во време кога во Европа владеаја монархии и дека слободата и човечките правдини се нашето ново верују.
И ми стана јасно што е причината за таквиот натпревар. Нема тешка филозофија, до рејтингот е.
Заев драматично губи, а разликата се зголемува. Нема човек кој мисли добро за оваа Влада и кој не е разочаран. И токму затоа адутот на Заев се парите за поткуп, заштита на криминалот и лагите за опозицијата.
Но, да се вратам кусо и на надворешната политика и ќе одговорам директно. ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери. Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, но воедно тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски, повторувам македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија. Таа борба за мене е завет. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и секогаш била и ќе остане народна партија.
Главното прашање е колку со договорите се подобри квалитетот на живот и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојдат високите плати, бесплатното и квалитетно здравство, отворање на границите и бесконечни можности? Јас сум реалист и треба реално да се говорат работите.
Ајде да зборуваме за тоа дека ниту една голема афера нема правна разрешница. Кој човек од власта лежи казна затвор? Зошто Заев го брани Рашковски, а судот испорачува и го ослободува? Каде се парите од рекет? Зошто се дозволи да избега Ден Дончев иако на камери видовме како зема туце со пари? Што е со пасошите давани за криминалци и аферата Мафија? Таму лежат службеници, а нема истрага за Спасовски. Зошто никој не го викнал Вице за рекетот од 250 илјади евра во РЕК, додека Ковачевски за зделката е унапреден од директор на РЕК Битола во директор на ЕЛЕМ? Има уште стотици и стотици други скандали, афери, криминали, кражби, неправди и измами.
Ајде да зборуваме кога станува збор за бранењето на стратешки интереси. Кој може подобро да ги брани или застапува, јас кој едно пенкало во својот живот не сум позајмил или Заев аболиран политичар кој украде цела држава? Јас кој што се школував овде и во центри во Европа, или Заев кој во тоа време создаваше клановска крими империја во Струмица и продава во Русија? Јас, кој работам според чест, принципи и вредности или Заев кому свитканата кичма, лажењето и тапкањето по рамо му е секојдневие. Се знае кој е тука изборот.
Па драги пријатели, да ви поставам неколку прашања и самите ќе си дадеме одговори. Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните пара-аналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев.
Токму затоа власта на Заев преку ограничување на слободата, диктирањето на тези преку ваквите пара-аналитичари и со силно присуство и замешателство на државни полициски структури создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно. Нивната цел е кога ќе се каже зборот патриот или Македонија, секој оној кој тоа го збори да се оцрни дека е квази патриот кој брани некаков криминал. А вистината не е таква таа е сосема спротивна.
Ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести Власта ги прави за да ја деградира нашата борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал. Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата што да правиме „сите се исти“. А, не сме исти. Дури ни тие во СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души, на чело со Зоки, Бучко, Рашко, Путерот, Оли и сличните ним.
Е, затоа народот треба да биде високо свесен за лагите кои ги пласира и пропагандата на власта и нивните полициски инсталации во македонското ткиво, преку силен притисок за националните, општествените или економските прашања. И тука сакам да направам една споредба, дека тоа што го правеа преродбениците во 19-тиот век и создаваа нација, го продолжија Илинденците и Асномците кога создадоа своја држава. А, денеска е на нас, на Унијата на млади сили, на ВМРО-ДПМНЕ во 21 век да ја сочуваме оваа наша држава, да ја направиме богата и просперитетна држава на вештачка интелигенција и нови технологии, роботика и трансфер на знаење.
Но исто така, почитувани браќа и сестри, оваа наша генерација се соочува со истите предизвици на тие кодоши кои што кон крајот на 19-тиот век ги кодошеа комитите и Илинденците, на тие полициски удбашки душкала кои што секогаш беа помеѓу Македонците патриоти во дијаспората за време на поранешната држава и на почетоците на создавањето на ВМРО-ДПМНЕ, кои што стенограмски известуваа од состаноците на партијата, на новата национална партија ВМРО-ДПМНЕ. А, денеска имаме такви полициски инсталации на седниците на состаноците на општинскиот комитет кои што снимаат, слушаат и преслушуваат. И само две прашања имаат задолженија да ги постават и на мене и вам, а тоа е – „Што направивте ние, додека Заев ја продаваше Македонија? И што направи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција во услови на хибриден режим?“
Еве, ќе ви дадам одговор: Се боревме и ќе продолжиме да се бориме. Ете тоа е одговорот. А, нашиот интерес е да го зачуваме не само народот туку државата. Тоа е иднината која мораме да ја обезбедиме, и ќе ја обезбедиме доколку постапуваме мудро на секое поле и национално останеме освестени. А, после победата, јас ви ветувам одговорност на сторителите заедно со овие полициски душкала и кодоши помеѓу нас. И ви ветувам дека ќе ги исправиме стратешки национални грешки на оваа Влада предводена од Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ и јас, заедно со моите соработници, заедно чекоревме по улиците, маалата, се бориме со пратениците и заедно со народот против секоја неправда.
ВМРО-ДПМНЕ има избистрена слика за националните и стратешки интереси на Македонија како никој друг во државава. Ние сме Македонци со македонски јазик, идентитет и историја, засебност, со заслужено членство во НАТО и заслужуваме брзо членство во Европската Унија. И тука ја затворам оваа дебата, оваа дебата еднашка треба да заврши и тука да ја завршиме оваа дебата. Било кој, дали овие полициски душкала кои што имаат за цел да создадат раздор во македонското ткиво силно платени од фамилијата Заеви на власт. Било кој да има дилема, сега и во иднина дека треба да се заштитат националните интереси воопшто не ме прашувајте дали ќе се приклучи ВМРО-ДПМНЕ, планирајте го првото место на самото чело и јас сум таму, деноноќно, колку и да треба, каде и да треба.
ВМРО-ДПМНЕ го има дефинирано ова поглавје, и во наредниот период ќе продолжи да биде приоритетно посветено на се друго што е огромен дел од реалниот живот, а тоа се проблемите со стандардот, економијата и тешката живеачка, грабежот и неправдите кои се прават на секој чекор. Земјава е се подалеку од Европската Унија, а тоа е така не само затоа што не блокира Бугарија, туку затоа што немаме завршено ниту една домашна задача, која што требаше оваа корумпирана и криминална влада на Зоран Заев и СДСМ да ја завршат.
4 години украден живот. 4 години на силна политизираност на судството и недостижност на правдата. Македонија треба веднаш да почне преговори со Европската Унија. Овие луѓе овде, но и тие кои што денеска не се со нас, македонскиот народ, нација и држава заслужуваат веднаш без дополнителни условувања, без дополнителни анекси, стратешки документи или како сакате наречете ги, веднаш следниот понеделник или вторник да добие почеток на претпристапните преговори со ЕУ. Овој народ тоа го заслужува, вредностите кои што овој народ ги споделува се исти како и вредностите кои што ги споделуваат жителите на земјите членки од ЕУ. Така беше и во минатото, кога се боревме против фашистите, така беше и сега кога ја браневме Европа од налетот на мигрантите, ние ја споделуваме идејата на Де Гаспери, Шуман и Аденауер за Обединета Европа. Не одолговлекувајте, немојте да бидете жртва на хегемониските барања на Бугарија, дајте да ги поченеме тие преговори еднашка, тоа не е за Зоран Заев, Бујар Османи и останатите криминализирани политичари, тоа е за овој народ, овој европски народ.
Искуството и делата велат дека на Заев не може да му се верува. За тоа сме на улица, за тоа сме на овие протести и за тоа ќе продолжиме и во понеделник, и во вторник следната недела. За тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот на улица.
Ја користам оваа прилика да им се извинам, на нашите сограѓани кои што заглавуваат во метежот, да им заблагодарам на трпението изминатите денови што беа со нас. Но едноставно кога нема како, во услови на медиумски мрак мора да излезе вистината на виделина. За тоа што на Зоран Заев едноставно не може да му се верува.
Се сеќавате кога лажеше, и кога викаше дека додека дишел, додека талкал изгубен низ времето, ќе го барал семето, а Македонија ќе си останела да биде Македонија.
Затоа, почитувани присутни, овој пат народот излегува на улиците и покажува што може и што ќе биде доколку Зоран Заев ги помине црвените линии. А, црвените линии се нашите македонски, тоа е идентитетот, посебноста, историјата, јазикот, културата, обичаите, традицијата вековни, не тие од 44-та па наваму, вековни тоа што претставува колективна свест, тоа што баба на внукот, колено на колено го пренесувала. Тоа е таа наша посебност, македонска посебност што не прави различни од сите останати.
Не смееме да дозволиме уште едно национално предавство.
Драги пријатели, национален интерес е и да се бориме за здрава економија, просперитет и развој. А, состојбите се повеќе од алармантни. Би рекол – катаклизмични. ЕДНА милијарда евра во буџетот ја нема, а нема проекти. Парите се извлечени преку задолжување и се искористени во поткуп и кражба. Се сеќавате ли на прес конференциите на оној Драган Тевдовски кој што се истакна со споредбите на Данска и Кире Наумов, кои паѓаа во несвест велејќи дека долгот бил цели 38 осто кога ВМРО имаше влада? А, сега тој изнесува ни помалку, ни повеќе 63%, или секој човек, секој жив човек должи повеќе од 3.500 евра. Наместо 500 евра плата во 2017-тата, денес сите имаме по 3.500 евра долг. А, само со новиот ребаланс владата ќе го задолжи секое семејство во земјата со нови дополнителни 500 евра. Воедно, со ребалансот се предвидува и нова давачка, а тоа е поскапување на дизел горивата за скоро 4 денари, што ќе биде директен удар за сите граѓани, а особено за земјоделците и транспортерите, што ќе предизвика ценовен шок и нов бран поскапувања на сите производи. Е оваа давачка ја викаат „еколошки данок“. Така, поатрактивно да делува.
А, откако ДУИ и Заев се свртеа кон зеленото ќе поскапе дизелот, среде Скопје направија масакр со дрвата на улица „Орце Николов“, со увезување на загаден мазут го трујат воздухот, што значи кај и да е овие брзо ќе го напуштат зеленото и ќе се вратат на основните занаети, а тоа е криминалот и корупцијата. Тука се најдобри морам да признам, 111-ти сме според скалата на Транспаренси Интернешнл или најкорумпирани и најкриминализирани благодарение на Заев и оваа Влада на СДСМ во Европа. Но, народот вели дека зеленото најбрзо пожолтува, а ќе пожолтат кога на избори ќе чујат народот што мисли за нив, за тоа ја користам оваа прилика да го повикам народот масовно на следните локални избори да излезе и да гласа. Со седење дома, мој македонски народе, со седење дома добрите луѓе бираат лоши политичари. За тоа излезете и масовно гласајте да дојдат добри политичари. Како вие што сте добри луѓе.
Браќа и сестри,
Ова е дијагнозата на нашето општество. А, излезот е победа на обединет опозициски блок. Имаме разлики во опозицијата, ама целта ни е иста. Пораз на Заев и вадење од катастрофа на Македонија. Во изминатиот период имав контакти со повеќе лидери и партии и чувствувам силно опозициско расположение и еве тука, од Битола, во името на ВМРО-ДПМНЕ подавам рака кон секоја опозициска партија и сила, да ни се приклучат. Ако целта ви е промена на власта, пораз на мафијата на Заев, СДСМ тогаш сте добредојдени со нас.
Опозициски блок најдобро ќе ги штити државните интереси, ќе се бори за економски прогрес и ќе ја победи мафијата. Сега повеќе нема никакви изговори, ова е моментот за обединување и подавање на рака. А, сите тие кои што ќе останат надвор и кои ќе се колебаат, бараат изговори или се спротивставуваат на обединувањето со сите оние кои што тоа го посакуваат и за тоа за нив можам да кажам дека се слуги во скутот на Заев и се инсталирани од власта за да ја слабеат опозицијата. Многу јасно и прецизно ќе се видат кои се тие. А, опозицискиот блок, обединетата опозиција ќе ја собори власта. Овде се работи за нашата иднина и за иднината на сите нас. Се работи за иднината на нашата Македонија.
А, што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ, како ВМРО-ДПМНЕ ќе се проектира наредниот период, и каква сила ќе бидеме ќе видите многу скоро, почекајте – 16-ти јуни е датумот. 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет, во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. На посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки, а запаметете 16-ти јуни е она што сите го очекуваат. Бидете трпеливи.
Почитувани присутни,
Јасно е, мирисот на промените се чувствува тука, од нашата Битола. А, гласот на овие локални избори за секој еден градоначалник на СДСМ е глас за Зоран Заев. Гласот за градоначалник на СДСМ е глас за бизнисите на Вице, Трајче, и Зоки, глас за плантажите марихуана, за рекет. Глас за Заев е глас за урнисана економија, украдена иднина, држава која што се распаѓа, загадена Битола, уништен Пелистер, за бркање работници од РЕК. Гласот на овие избори не е за кандидатите на градоначалници на СДСМ, тоа е глас да продолжи Зоран Заев да пустоши низ Македонија. Гласот на овие избори за кандидатите за градоначалници на СДСМ е глас за Зоран Заев да ја стави Македонија уште подолу на листата за корумпирани, криминализирани држави. Гласот на овие избори на градоначалници на СДСМ не е глас за нив, туку е глас да продолжи Македонија да се посрамотува, да се понижува, срами и опсутошува.
Велат од власта дека „најдоброто за нашата општина“ било СДСМ. Јас ќе речам најдоброто за нашата општина е да си одат СДСМ. Да си одат од сите општини. Најдоброто за Битола е наместо за табла шах, лампиони и крив дрвен мост, битолчани да се радуваат за вистински проекти и развој.
И сосема на крај, ме прашуваат во колку општини ќе победите на овие избори. Ќе победиме во онолку општини колку што е потребно следниот ден заедно со народот да отсвириме крај на оваа неславна ера на СДСМ и Зоран Заев.
А, ќе победиме за Македонија. Ќе победиме со срце и со жар, со љубов и посветеност каква што ќе покажат модерните херои, македонските фудбалски репрезентативци, кои се нашата радост и гордост. Да ги поздравиме и да навиваме овие денови за нив.
Ќе победиме за Македонија. Да сте живи и здрави. Да живее УМС, да живее вечно и вековито ВМРО-ДПМНЕ и да ни е вечна Македонија!
Извор: ВМРО