Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на проектот “Рефлексија 2030” оствари средба со млади професионалци, аналитичари од различни тинк-тенкови и организации во Република Северна Македонија со цел размена на мислења и отворање на дискусија за улогата на младите во изработката и имплементацијата на Стратегијата за надворешна политика. Со тоа и официјално започна реализација на првиот столб на РЕФЛЕКСИЈА 2030, или широките граѓански консултации со заинтересираната јавност.
“Денешниот настан е првиот во серијата настани после инаугурацијата на Стратешкиот совет за надворешна политика, што само по себе зборува за важноста што ја придаваме на сегментот млади истражувачи и на амбицијата за нивно засилено вклучување во процесите на креирање на политики и носење на одлуки. “-истакна министерот Османи, додавајќи дека придонесот на младите од тинк тенк заедницата ќе биде од огромно значење во утврдување на приоритетните цели на Стратегијата и нивната реализација.
“Визијата на вашата генерација за тоа каде и какво општество сакате да видите во наредните 10 години, а пред се, вашето експертско поимање на одделните политики на ЕУ, но и софистицираните процеси и динамики на мултилатерализмот, ќе ни помогнат во исцртување на различните сегменти во Стратегијата. ”- нагласи Османи.
Претставниците на тинк-тенк заедницата ја поздравија иницијативата РЕФЛЕКСИЈА 2030, преземајќи обврска да одговорат со широк придонес во рамките на создавањето на десетгодишната стратегија. Тие изразија благодарност за интересот за вклучување на новите генерации во утврдувањето и реализацијата на приоритетните цели на Стратегијата за надворешна политика со цел зајакнување на позицијата на државата како одговорен и активен чинител во меѓународните односи.
Покрај Министерот Османи, на денешниот граѓански состанок присуствуваа и дел од членовите на Стратешкиот совет, чија улога и експертиза кореспондира со младинските политики и воопшто улогата на младите во политиката.