spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСиндикатиСе бара итна средба со Министерот за правда

Се бара итна средба со Министерот за правда

По повод вчерашната заедничка Прес конференција на Министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Здружението на судии, Синдикатот на УПОЗ реагираше за селективниот однос и зголемување на платите само на една категорија вработени, заборавајќи дека рак – рана години наназад се ниските плати на судските и јавно обвинителските службеници, а заборавени се и платите на судската полиција и помошно – техничкиот персонал.

Денес Синдикатот на УПОЗ испрати реакција до Министерот за правда Бојан Маричиќ во кое му укажува на реакциите на дргуте вработени во судовите и јавните обвинителства. Писмото ви го пренесуваме интегрално:

После Вашата вчерашна, заедничка изјава, со претседателот на Здружението на судии, која се однесуваше на платите на судиите, а ќе била опфатена и администрацијата во судовите, по искажаниот  револт од наши членови, одлучивме да Ви се обратиме со наша реакција.

Разбравме дека платите на судиите ќе се покачеле 15%, од кои 10 % во текот на оваа а 5 % наредната година и искажавте очекување дека покачувањето ќе важи и за судските службеници но, не кажавте со што го оправдувате и како ќе се исполни ова очекување особено што не го вклучивте Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен синдикат.

Со вчерашната изјава дека во иднина ќе се разговара и за зголемување на платите на јавните обвинители, но не ги спомнавте вработените во јавните обвинителства, односно јавно обвинителските службеници, дополнително ги подгреавте страстите на незадоволство и во обвинителствата.

Како Синдикат во кој членуваат вработените во судовите и јавните обвинителства, сметаме дека е неопходно да Ви укажеме и на некoлку други моменти.

Синдикатот на УПОЗ е репрезентативен синдикат и е Ваш социјален пратнер, со кој според уставот и Законите треба да разговарате за сите прашања поврзани со работниот однос на нашите членови, а важен дел од ова се секако платите.

При ова очигледно заборавивте на постојаните барања на Синдикатот за зголемување на платите на судската администрација а заборавивте дека во судовите има вработени судски полицајци и помошно – технички персонал.

Таквиот пристап на селективност при зголемувања на платите во судовите беше повод за многу протести и штрајкови. Секогаш оваа категорија вработени и во судовите и во обвинителствата се на маргините, се заборава дека работат тимски што значи за да има предмет кој конечно е завршен со издржана, законита одлука, се вклучува цел тим на вработени, од доставувачи, дактилографи, службеници во писарница, па до соработници.

Затоа прашуваме дали од Здружението на судии, Ви спомнаа колкави се платите на овие вработени и какви се условите за работа?

Како пример, судските доставувачи – курири се со плата од 16.500 денари записничарите – дактилографи со плата од 18.000 денари вработените во писарница со плата од 21.000 денари и на крај стручните судски службеници – стручните соработници со плата од 25.000 денари најголем дел од вработените земаат плата помала од просечната. Само многу мал број вработени се над тој просек, а тоа се раководителите на оддели и одделенија (кои ги има само во двата најголеми судови и администраторите).

Од тука само по себе се поставува прашањето за какво подобрување во правосудството се залагаме сите заедно, знаејќи дека за да се заврши еден предмет на судијата, кој зема две ипол, три, па и повеќе просечни плата, најголемиот дел од работата треба да ја завршат вработените кои се со плати под републичкиот просек, а нешто малку повеќе над минималната плата.

Немаме против зголемувањето на платите на судиите, но сме против што не не консултирвте колкаво треба да е зголемувањето на платите на вработените во судовите. Доколку бевме прашани, ние со аргументи ќе Ви докажевме дека во овој случај зголемувањето на платите на вработените треба да е најмалку 25 %. Ќе прашате зошто? Затоа што разликата помеѓу платите на судиите и другите вработени е премногу голема и предизвикува револт, кој влијае на нивната ефикасност, ефективност и посветеност во работењето. При ова наша реакција сакаме да Ви укажеме дека и условите за работа на судиите кои работат во кабинети, се неспоредливо подобри од условите на вработените кои се по тројца, четворица, па и повеќе во иста канцеларија од 10-12 м2. Со секоја нова набавка судиите добиваат нова опрема, компјутери и се друго, другите работат со застарена опрема. Сите првични контакти со странките ги остваруваат вработените и затоа нивниот ризик е најголем. Токму затоа тие беа и најподложни на заболување со вирусот ковид 19.

Многу пати до сега се случувало судските службеници, не само вербално, туку и физички да бидат нападнати од незадоволни странки.

Со сето ова намерата ни е да Ви укажеме дека, лично Вие пројавивте интерес и имате одредени активности за заживување на социјалниот дијалог со крајна цел подобра социјална положба на вработените во правосудните органи, но недозволиви се и неразбириви, пропустите како вчерашниот, кој по многу нешта, на нашите членови им наликуваше на тие од 2015 година, кои испровоцираа низа немили реакции од вработените, и штрајк кој траеше 60 дена и низа протести пред Министерството за правда.

Затоа бараме час поскоро (најдоцна до 23.06.2021 година) да оствариме и работна  средба со Вас и претставници на вработените во судовите и јавните обвинителства, за да ги надминеме овие недоразбирања и со Вашите добри намери, да не се манипулира и да не бидат сватени погрешно од вработените.

Извор: УПОЗ

Прочитајте

Центар: Герасимовски – Граѓаните да не си ги трошат парите на...

0
Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти согласно чл. 81. Станува збор...