Екипите на Град Скопје почнаа со асфалтирање на булеварот Никола Карев, кој се проширува и реконструира на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток. Деновиве се поставува носечкиот слој асфалт на проширениот дел од овој нов булевар, а асфалтирањето ќе продолжи и во наредниот период.
На терен се работи на траса долга околу еден километар, постојниот коловоз се проширува на 4 сообраќајни ленти, се прави простор за разделно зеленило и се оформуваат мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, се изведува и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а ќе се постави и ново лед осветлување од двете страни.
Реконструкцијата на оваа улица се искористи за замена на дел од старата и поставување нова подземна инфраструктура онаму каде што е потребно од различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
Булеварот Никола Карев е исклучително фреквентна сообраќајница која најмногу ја користат жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и граѓаните кои патуваат кон излезот на градот.
За потсетување, минатата пролет Градот Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од клучката кај Бит Пазар до крстосницата кај касарната „Илинден“ во вкупна должина од 1.440 метри.
Извор: Град Скопје