Заврши реставраторските и конзерваторски работи на главниот конак во манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон, во Горно Нерези, општина Карпош.
Имено, општина Карпош целосно ја обнови столаријата и внатрешно го уреди конакот. Заврши реконструкцијата на подот, на тоалетите, а се направи и замена на прозорите.
Исто така, поставен е и нов систем за противпожарна заштита и електрична инсталација.
На овој начин, целосно се врати во функција главниот конак на овој манастирски комплекс. Уште поважно е што истиот има автентичен и уникатен изглед, во духот на манастирската целина, имајќи го предвид фактот дека црквата Свети Пантелејмон е дел од нашето културно наследство која датира уште од дванаесетиот век.
За оваа инвестиција, општина Карпош искористи средства од 6 милиони денари од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој. За оваа реконструкција, согласност даде и ресорното Министерство за култура.
Свети Пантелејмон е дел од националната туристичка мапа и со овој проект се придонесува кон негово заживување, со што станува уште поатрактивен за домашните и странски туристи.
Извор: Општина Карпош