Една од првите уредби донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија на почетокот на пандемијата беше ослободувањето од работа на лицата со попреченост и родителите кои се грижат за децата со попреченост. Со цел заштита од ширење на пандемија од Ковид -19, ги затворивме и Дневните центри за лица со попреченост“, рече министерката Шахпаска на тркалезната маса „Ефектите од пандемијата врз лицата со попреченост“, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права.
Министерката Шахпаска се осврна и на дел од уредбите со кои се олесни пристапот и правата на лицата со попреченост до услуги и парични права кои им следуваат. Па така, сите лица кои користеа додаток за помош и нега од друго лице, да можат само врз основа на обновено барање без нов медицински наод и без физички да одат во здравствените институции да продолжат да го остваруваат своето право.
„Со измени во Законот за социјална заштита, го олеснивме пристапот до Гарантирана минимална помош и со тоа овозможивме влез на нови 6500 домаќинства во системот на социјална заштита. Истовремено, направивме и измени во Законот за детска заштита и овозможивме бројот на деца приматели на образовен додаток се зголеми од 12.000 на 24.000 деца“, рече министерката Шахпаска.
Министерката истакна дека за прв пат во Оперативниот план за активни програми и мерки беше вклучен принципот на диверзитет и инклузивност, со цел еднаков пристап на лицата со попреченост на пазарот на труд. А во таа насока е и подготовката на новото законско решение за вработување на лицата со попреченост, на кое интезивно се работи изминатиот период.
„Преку измена на Законот за социјална заштита, ја спуштаме возрасната граница за лична асистенција од 18 на 6 годишна возраст. Проекцијата е за 200 лични асистенти до крајот на годината, кои претходно треба да поминат низ процес на обука и добивање на лиценца“, рече министерката.
Таа ја потенцираше и важноста од воспоставувањето на новата мобилна апликација –аудио читач за слепи лица, која Министерството во соработка со УНДП, заедно ја подготвува и наскоро ќе биде ставена во функција. Апликација која ќе овозможи поголема самостојност на овие лица во секојдневниот живот.
Министерството за труд и социјална политика сериозно работи на отворање на нови Дневни центри за лица со попреченост, како и сензорни соби и инклузивност во детските градинки, притоа застапувајќи ги еднакво и руралните и градските средини.
„Попреченоста согласно Конвенцијата на лицата со попреченост на ООН, претставува човеково право, а не медициска дијагноза“, подвлече министерката Шахпаска.