spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Соработка со Светска банка за унапредување на социјалната заштита

МТСП: Соработка со Светска банка за унапредување на социјалната заштита

Министерството за труд и социјална политика и Светска банка во Северна Македонија ќе продолжат интензивно да соработуваат во делот на унапредувањето на социјалната заштита, зголемување на вработливоста на ранливите групи граѓани, особено на жените, но и на градење на човечки капитал како суштествен елемент за напредок на едно општество. Ова беше заклучено на денешниот состанок на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со директорот на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија, Масимилиано Паолучи.

На средбата се разговараше за можностите за активација на што поголем број лица на пазарот на труд, но и за унапредување на капацитетите на институциите.

„Оваа година во Оперативниот план на активни програми и мерки, воведени се три нови принципи, односно справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19, поттикнување на рамномерен регионален развој и принципот на диверзитет и инклузивност. Направивме конекција помеѓу Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, со цел да се мапираат највработливите лица од семејствата приматели на гарантирана минимална помош и истите да бидат активирани на пазарот на трудот. Додека пак, за најневработливите, лицата со попреченост, Ромите, ранливите категории на граѓани, овозможивме обуки со кои истите би станале работоспособни“, рече Шахпаска.

Во моментов, Министерството за труд и социјална политика, го спроведува Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) со наменскиот заем во вредност од 28,7 милиони евра кој Владата на Република Северна Македонија го доби од Светска Банка. Како дел од првата компонента на овој проект, која има за цел да го зајакне целокупниот систем на обезбедување социјална заштита, потпишани се 19 договори со 24 општини. Како дел од втората компонента, која има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, изградени се две детски градинки, а во изградба се уште 9 градинки.

„Напредокот е во луѓето. Проектот којшто го подготвуваме се однесува токму на развој на човечкиот капитал и треба да овозможи оспособување на што поквалитетен кадар за работа и што поголема активација на населението на пазарот на труд. Здравјето, образованието и социјалната заштита се трите најважни компоненти кои ќе го подобрат животниот стандард, но и ќе создадат услови младите иднината да ја гледаат во сопствената земја. Верувам дека одличната соработката која ја имаме со Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да се имплементира и во секој нареден проект“,  истакна Масимилиано Паолучи.

Двајцата соговорници оценија дека резултатите од проектите помогнати од Светска банка обезбедуваат системски и долгорочни решенија.

Извор: Влада

Прочитајте

Град Скопје: Соопштение

0
Град Скопје ги известува сите даночни и таксени обврзници дека за оние лица кои не ги подмириле своите обврски за комунална такса фирмарина за...