Денес, 24.06.2021 година во 11:00 часот во Дом на Култура „Бранд Петрушев“ Богданци се одржа промоција на книгата „ Живот и дело на Борис Џонов 1913-1943“, чиј автор е професорот Живко Исак Заев, во издание на Печатница „Софија“ Богданци. За книгата, а и за делото на Борис Џонов, зборуваа рецензентот, професор доктор Тодор Чепреганов, синот на Борис Џонов, професор доктор Илија Џонов и авторот на монографијата, професор доктор Живко Исак Заев.
Борис Џонов е роден во Богданци. Потекнува од сиромашна фамилија. Тој бил македонски револуционер и национален деец, борец за националната слобода и за обединување на македонскиот народ. За слободата на својот народ го даде и својот живот. Тој во таа борба не ја дочека слободата на својот народ но победи неговото револуционерно дело. Борис Џонов својот живот и борбен пат го споделува со видните македонски борци во борбата за создавање слободна македонска држава, јазик и култура.
Спомен обележје за ликот и делото на Борис Џонов во Богданци е бистата со неговиот лик во центарот на Богданци каде пред промоцијата на книгата беше положено свежо цвеќе од страна на Градоначалникот Блаже Шапов, Претседателот на Советот Елена Шутарова, синот Илија Џонов и членовите на семејството Џонови.
Извор: Општина Богданци