Вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, учествуваше на Меѓународниот саем за земјоделство и сточарство AGROEXPO, во Измир,Турција
Ова е најголемиот меѓународен саем во Турција и еден од четирите најголеми саеми за земјоделство во Европа. Саемскиот простор опфаќа површина од 337000 квадратни метри на кои се распоредени 14 изложбени саемски хали. AGROEXPO 2021 се одржува по 16 – ти пат, во познатиот саемски комплекс FUAR IZMIR, и ќе трае до 27.06.2021. Домаќин е на важни меѓународни производители и компании од агросекторот, локални и меѓународни производители на земјоделска механизација како и многу индивидуални земјоделци. Интересот за учество на компаниите е огромен. Повеќе од 1000 компании ги презентират своите производи пред околу 390000 посетители. AGROEXPO се смета за лидер на саемски манифестациии од агросекторот, со огромна деловна вредност. Околу 2000 деловни луѓе од 80 земји учесници, преку B2B состаноци ги градат новите пoврзувања на клиенти и потенцијални партнери за соработка преку воспоставување на висококвалитетни деловни врски.
Министерот Хоџа присуствуваше на свеченото отворање на AGROEXPO, на покана на турскиот министер за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, кој во своето излагање упати посебна благодарност за присуството на македонската делегација. Турскиот министер изјави дека Турција е лидер во Европа по остварен инкам од земјоделството и е меѓу десетте најдобри во светот. Тој потнцираше дека сега е време на големи одлуки за промена на навиките во земјоделското производство, во насока на поголема заштита на животната средина како една од мерките за заштита од климатските промени. За таа цел, турскиот министер најави дека од оваа година Турција започнува со производство на електрични трактори, а во тек се многу проекти за дигитализација во земјоделсото производство.
За време на посетата на Измир, министерот Хоџа оставри билатералната средба со министерот за земјоделство на Република Турција, Бекир Пакдемирли на која се заблагодари за силната поддршка која МЗШВ ја добива од турското Министерство за земјоделство. Нивната поддршка е од големо значење за креирањето на нашите аграрните политики и мерки. За таа цел, во тек се неколку заеднички проекти. Трансферот на знаење и турското искуство во многу области од секторот земјоделство, се силен мотив и поддршка за имплементација на позитивните примери од турската аграрна политика во правец на посилен развој на нашето земјоделство. За време на средбата беше потенцирано дека аграрниот развој на нашата држава е дефинаран како заедничка цел.
Искуството од AGROEXPO 2021, е огромен бенефит за сите учесници и е со неспоредливо висок потенцијал во градењето на деловните врски во агросекторот. Министерот Хоџа оствари билатерална средба со министерот за земјоделство на Република Азербејџан, Инам Каримов. Република Северна Македонија и Република Азербејџан немаат потпишано Спогодба или други документи за билатерална соработка во областа на земјоделството. Но, со оглед дека нашата држава реализира извоз на земјоделски производи во Азербејџан од кои најзастапен е тутунот, потребно е продлабочување на соработката помеѓу двете земји. Трговскта размена на земјоделски производи беше главната тема на средбата на двајцата министри. Се очекува во следниот период да следат конкретни активности за потпишување на меморандум за соработка, со што ќе се отвори нов пазар за пласман на домашните земјоделски производи.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство