Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство денеска ја одржа првата конститутивна седница со која претседаваше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Формирањето на ова тело произлегува од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Негова основна задача е да го координира работењето на институциите во делот на превенција и заштита од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, како и да ја подготвува и следи реализацијата на националните политики од оваа област.
„Мултисекторскиот пристап на институциите и продуктивната соработка со граѓанскиот сектор е од клучно значење за препознавањето, превенцијата и заштитата од насилство врз жените и семејното насилство, како и реинтеграцијата на жртвите на насилство. Воспоставувањето на ова тело, претставува нов и ефикасен пристап кон навремено препознавање и справување со родово – базираното насилство во нашата држава“, оцени министерката Шахпаска.
Националното координативно тело, меѓу другото, има задача да предлага мерки за унапредување на превенцијата и заштитата од насилството врз жените и семејното насилство, но и да го следи спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и националните политики од областа на родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска Конвенција.
„Насилството не препознава пол, вера, нација, образование, професија, политичка партија, како од страна на жртвата, така и од страна на насилникот. Затоа, за нас како општество, од огромно значење е носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој произлегува од Истанбулската конвенција, која е ратификувана и во Северна Македонија“, истакна министерката Шахпаска.
Во Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, со кое претседава министерката Шахпаска, членуваат претставници од ресорите за труд и социјална политика, правда, внатрешни работи, здравство и образование и наука, но и претставници од граѓанскиот сектор, Организацијата на работодавачи и Сојуз на синдикати.
Министерката Шахпаска најави дека Националното координативно тело во наредниот период ќе ги разгледа и подзаконските акти на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство на кои во моментов работи Министерството за труд и социјална политика со поддршка на меѓународни партнери.
„За Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија приоритет е да имаме брза и ефикасна постапка за заштита на жртвите, нивна реинтеграција во системот како и да обезбедиме превенција во насока на намалување на насилството. Ова Национално координативно тело ќе има значајна улога во зајакнување на институционалниот одговор, но и во поефикасната меѓуресорска координација“, рече министерката Шахпаска.