spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Образованието на Ромите е предуслов за целосна интеграција

МТСП: Образованието на Ромите е предуслов за целосна интеграција

Во рамките на Вториот министерски состанок за интеграција на Ромите на Западен Балкан, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска имаше билатерална средба со министерот за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ.

Двајцата министри разменија искуства во делот на процесот на интеграција на Ромите, но разговараа и за други прашања што се од нивна надлежност, како што е родовата еднаквост, но и борбата против насилство врз жените и семејното насилство.

Министерката Шахпаска го истакна напредокот што Република Северна Македонија го постигна во процесот на интеграцијата на Ромите, но и информираше за поддршката што преку системот на социјална заштита им ја дава на сите ранливи категории на граѓани.

„Република Северна Македонија вложи многу во процесот на вклучување на Ромите во образованието, од предучилишното, па се до високото образование. Секоја година 400 деца Роми бесплатно посетуваат градинка, обезбедуваме 700 стипендии за ученици и студенти. И тоа дава резултати. Затоа денеска имаме се повеќе Роми кои се на раководни позиции и во јавниот и во приватниот сектор“, потенцираше министерката Шахпаска.

Таа додаде дека интензивно се работи и на социјалното домување кое предвидува изградба на станови, но и реновирање и реконструкција на постоечки објекти.

Министерот Лучиќ се согласи дека образованието е предуслов за целосна интеграција на Ромите и оцени дека на тоа треба интензивно да се работи.

Тој нагласи дека Босна и Херцеговина има постигнато значаен напредок во делот на социјалното домување за Ромите, но дека треба да се работи и на политики за вработување на Ромите.

Двајцата министри разговараа за предизвиците со кои се соочија двете држави предизвикани од пандемијата Ковид-19 и ги споделија искуствата за начинот на кој се обезбеди поддршка за најранливите категории на граѓани.

Во делот на борбата против насилството врз жените и семејното насилство министерот Лучиќ истакна дека Република Северна Македонија е позитивен пример кој Босна и Херцеговина го следи.

Министерката Шахпаска нагласи дека двата клучни закони – Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита од насилство врз жената и семејно насилство се донесени со поддршка од опозицијата, што е многу значајно за нивна целосна имплементација.

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

МЗ: Демири и Манолева – Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба...

0
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот...