Вкупно 5.7 милиони евра ќе се распределат за поддршка на 103 компании, чии проекти се одобрени за финансиска поддршка во рамките на јавниот повик „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан раст”, објавија денеска на заедничка прес конференција заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека на овој јавен повик се доставени рекорден број на апликации, со што се докажува дека во нашата земја има навистина голем број на ентузијасти и претриемачи кои благодарение на ваквите инструменти, чувствуваат храброст и смелост да создадат проект и да го преточат во реалност.
„Со финалната селекција по јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој, одобрена е поддршка на вкупно 103 компании со 2149 вработени лица. Како што е и вообичаено кај инструментите на ФИТР, најголем број се мали компании, вкупно 69, микро компании се 21 и средни компании се 13. Споредбено со минатата година и со Јавниот повик за кофинансирани грантови за брзо прилагодување од КОВИД-19, а за кој буџетот изнесуваше 1,5 милиони евра, оваа година селектираните компании ќе добијат поддршка во износ од 5,7 милиони евра, што обележува зголемување на финансиите за 280%, пришто вкупната вредност на проектите изнесува 11 милиони евра“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот посочи дека Фондот за иновации и технолошки развој е вистински дом за сите микро, мали и средни компании, а во нивното портфолио во само четири години, со компаниите презентирани на прес конференцијата, веќе брои 646 субјекти, кои реализирале, реализираат или ќе започнат со реализација со проекти во вкупна вредност од 85,3 милиони евра.
„Особено ме радува што солиден процент од вкупниот број од селектираните, речиси 30% од компаниите се стартапи, млади претријатија, што значи дека сме допринеле за развојот на нови идеи, нови бизниси и нови концепти. Имено, во тоа се состои и главната суштината на финансиската поддршка која ја обезбедуваме како Влада, преку Фондот за иновации и технолошки развој. Охрабрување на ентузијасти да се осмелат да ја преточат својата уникатна идеја во реалност, а ние во тоа да им помогнеме и да им подадеме рака тогаш кога тоа им е најпотребно. Како човек кој е силен поборник на се поголемото учество на жените во бизнисот, би сакал да истакнам дека сум горд на фактот дека има значително зголемен интерес кај жените претприемачи од сите региони во земјава. Од селектираните, речиси 70% од компаниите имаат жена како сопственик или управител“, потенцираше Битиќи и додаде дека Владата го препознава потенцијалот на креативните и работливите луѓе, и токму затоа се создаваат разни инструменти и програми, преку кои се помага на граѓаните при остварувањето на нивните идеи.
Директорот на ФИТР, Коста Петров, соопшти дека од одобрените проекти, 81 се нови, додека 22 се компании кои веќе се корисници на финансиска поддршка на некој од јавните повици на ФИТР. Тој посочи дека со овој јавен повик, ФИТР ги поттикна младите да развиваат иновативни решенија и можности да се справат со предизвиците со кои се соочуваат, предизвикан е огромен интерес, за што говори фактот дека на овој јавен повик беа пристигнати рекорден број на апликации од 706 компании, од кои 540 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на Фондот.
„Селектираните компании ќе работат на проекти во 16 различни области, најмногу од: технолошката индустрија, градежништво, здравство и земјоделство. Во однос на организационата структура, 62 компании се ДООЕЛ, 31 компании се ДОО, 9 се ПЗУ и една компанија е АД. Најголем број на компании (74) се со старост над 6 години, додека останатите (29) компании се стартап компании“, нагласи Петров.
И директорот на Фондот го изрази задоволството што се поголем број на компании, водени од жени, аплицираат со квалитетни проекти на инструментите на Фондот.
„Во насока на развој на женското претприемништво, позитивен факт е тоа што има зголемен интерес кај жените претприемачи од сите региони во земјава, па анализите на ФИТР покажуваат дека 70 компании имаат жена како сопственик или управител. Компаниите доаѓаат од 20 градови од целата држава, во најголем број од: Скопје, Струмица, Тетово, Гостивар и Битола“, рече Петров.
Директорот на Фондот ја објасни и целата процедура до донесувањето на финалната селекција. Кажа дека со лансирање на повикот, Фондот се соочи со најголем, рекорден интерес искажан за инструменитите на ФИТР од страна на компаниите, за заедничко кофинансирање. На овој јавен повик аплицираа над 700 компании, при што побаруваниот износ беше 6 пати над вкупниот буџет од 6 милиони евра.
„Ова покажува и дека компаниите имаат доверба во воспоставените процеси на Фондот, како и во евалуацијата која целосно се прави од екстерни лица Во првата фаза, компаниите поминаа низ примарна селекција на предлог проектите, во која оценувањето го вршеа домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Во втората фаза (финална фаза на оценување) беа компаниите кои добија просечна оценка од минимум 51 бод. Во финалната селекција, 585 компании беа оценувани од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој се состои од пет врвни експерти, претприемачи од светски размери: Марвин Лиао, поранешен комерцијален директор во Yahoo!, Ашер Сидики, кој е дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат” во ОАЕ, Ноел Грегор Патерсон Џонс, меѓународен експерт и член на Европскиот инвестициски стратешки фонд како и специјален советник на Светска Банка за програмата за обврзници во Уганда, Гунтер Фелингер, Генерален Секретар на CEE BC- Австрија и Вибу Шарма кој е експерт во областа на циркуларна економија, со повеќегодишно искуство во иновации и лансирање на нови производи“, објасни Петров.
Директорот на ФИТР посочи дека компаниите кои не беа поддржани во рамките на повикот, од Комитетот добија насоки како да ги подобрат предлог-проектите и да реаплицираат.
„Нашата цел не е да ги обесхрабриме туку да ги поддржиме апликантите, и затоа можностите за компаниите не завршуваат во моментот кога еден проект ќе биде одбиен. Во досегашната пракса, имаме солиден број на компании кои на следните јавни повици биле поддржани со подобрени проекти. Ова силно не мотивира и понатаму да ги доусовршуваме процесите, да ги прилагодуваме инструментите и да ја зголемуваме поддршката кон команиите апликанти, се со цел да ги задоволиме потребите на приватниот сектор“, заврши директорот на Фондот за иновации и технилошки развој, Коста Петров.
Листата на селектираните компании е достапна на веб страницата на Фондот за иновации и технолошки развој.
Извор: Влада