ЈА: Кое е вашето мислење за општинската администрација на Општина Карпош?
МД: Општинската администрација во Општина Карпош е во целост ставена во служба на Стефан Богоев и СДСМ што не треба да е случај. Доказ за тоа се бројните реакции од жителите на Општината кои се жалат на спората работа на службите. Општинските служби не решија ниту еден круцијален проблем на жителите. Звучното загадување се’ уште е актуелно, се повеќе и повеќе депонии се појавуваат на територијата на Општината, а не се презема ништо и околу загадувањето.
Се повеќе поплаки стигнуваат до Левица и околу непостапувањето на инспекторските служби на Општина Карпош по пријави на жителите.
Можеби ова е резултат на притисоците на администрацијата на Општината која од добро познати причини мора да постапува онака како што наредува Градоначалникот, а не согласно законите и процедурите за работа. Ова мора да се смени.
ЈА: Што е она што треба да се промени со цел администрацијата да биде во служба на граѓаните?
МД: Дефинитивно треба да се тргне најпрво од промена на законите за административните службеници и вработување во јавниот сектор. Вработените во Општината и јавните претпријатија и институции се третираат како гласачки контигент, а временото вработување и не доделувањето решенија се злоупотребува за притисоци врз овие вработени да бидат, за жал, во служба на неколку индивидуи и остварување на нивните планови, а не во служба на општото добро.
За жал, нема ниту една функционална институција која ќе застане зад административните работници кои секојдневно добиваат притисоци на своите работни места.
ЈА: Како би го оцениле владеењето на актуелниот градоначалник?
МД: Со два збора – бетонизација и дуизација. Бетонизација затоа што она што се случува во последните години не е ништо друго освен буквална бетонизација. Се бетонира секој слободен простор, узурпирајќи го секое парче зеленило. Изговорот на Општината е дека тоа се маркици издадени од страна на претходниот градоначалник, но судејќи по актуелните предлог ДУП-ови кои се во процедура и оние претходно усвоени, тогаш може да се заклучи само едно, а тоа е дека нема разлика помеѓу Богоев и неговиот претходник. На Карпошани им треба зеленило,. Им треба слободен простор. Тоа беше и предизборно ветување, но сега гледаме дека тоа биле само манипулативни обиди на Стефан Богоев и советниците на СДСМ да дојдат само до локалната власт.
Терминот дуизација се однесува на насилничкото владеење кое до вчера беше карактеристично само во општините каде владееше оваа политичка партија, а денес е се повидливо и во останатите општини. Кога велам Дуизација, мислам на потесната општинска администрација која е во служба на сите освен на жителите на Општина Карпош игнорирајќи ги при тоа нивните проблеми и потреби. Ако се земе во предвид дека најголем дел од зградите во Општина Карпош ги работат компании од Тетово, Гостивар и Кичево кои се во тесна врска со ДУИ тогаш овој термин може да се искористи и во оваа насока.
ЈА: Локалните избори се ближат, дали Левица ќе има за кандидат градоначалник на Општина Карпош?
МД: Да, изборите се наближуваат. Левица веќе работи на подготовки за истите. Она што е сигурно е дека ќе имаме советничка листа во оваа Општина, но и дека нема да коалицираме со ниту една партија во пресрет на изборите. Во моментов работиме и на селекција на градоначалник. Има неколку сериозни кандидати, личности кои се добро познати на Карпошани. Рано е да се каже дали Левица ќе има кандидат. Евалуацијата на кандидатите е во почетна фаза.
ЈА: Кога Левица ќе ги објави своите кандидати за градоначалници онаму каде што ќе ги има?
МД: Пред десетина денови имавме седница на Централниот Комитет на кој се дискутираше околу локалните избори. Во повеќе општини е веќе започнат процесот на селекција и евалуација на потенцијалните градоначалници како и советници.Точниот датум не може да го прецизирам бидејќи зависи од повеќе фактори.
ЈА: Рековте дека нема да има предизборна коалиција, но дали можеби ќе коалицирате по изборите?
МД: Со сигурност ќе коалицираме со жителите на Општина Карпош и нивните интереси. Во моментов лично не гледам друга политичка партија, друг политички субјект кој на локално ниво во Општина Карпош работи за добробитот на жителите.
ЈА: И за крај, во интерс на администрацијата, што би направиле од советите за нив?
МД: Професионализација и ослободување од партиските стеги.
Голема благодарност од Тимот на Јавна администрација до Мартин Димоски – член на Централниот Комитет на Левица и модератор на ЛО Карпош
Извор: Javnaadministracija.mk