spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииQUO VADIS МАКЕДОНИЈА?

QUO VADIS МАКЕДОНИЈА?

Тезите на опозицијата се обично дека Македонија е економски опустошена, меѓународно блокирана и национално обезличена. И колку и да е тоа точно, на македонските граѓани чувствувам дека им е здосадено од црни сценарија, повикување на недостатоците на владеењето на оваа веќе утврдено неспособна влада, но и изнесувањето на бројни скандали од „водењето“ држава.

Малку се зборува за можностите. Особено за оние кои не зависат од промена на името, јазикот и идентитетот на народот.

Според мене имаме простор да одговориме на 5 постоечки состојби за да го одговориме прашањето од насловот, каде одиме и каде сакаме да одиме. Со ред, 5 дијагнози – 5 решенија.

1. Суспензија на преговорите со Бугарија. Лобирање во ЕУ.

ЕУ да одлучи дали ќе нè прифати како Македонци од Македонија кои зборуваат македонски јазик. Доста беа понижувања. Нема логика да преговарате со некој од позиција на слабост, без завршена домашна работа, кога гледате дека истиот тој ја има и пошироката тивка (но силна) поддршка од некои од земјите-членки. Ние чекавме многу години на патот кон ЕУ, а за жал дадовме нешто најсвето само за да им се допаднеме на дел од европските бирократи. Очигледно е денес она кое многумина го говорат уште од 2018 година – дека промената на името беше болна и не донесе резултат. Македонија треба да има претставници во најголемите светски метрополи. Да бараат поддршка од сите европски и големи светски лидери. Инвестиции, изградба на инфраструктура, гас и гасоводи, енергетика, дигитализација, споделување знаење во градење на успешна економија и општество – со еден збор – материјализација на стратешките партнерства. Ние имаме пријатели, но со нив никој не комуницира. А и светска поддршка за владина корупција не постои и не може да се бара.

2. Користиме само 40% од европските пари наменети за инвестиции. За тоа не ни е виновна Бугарија.

Според едно постаро истражување на ИРЛ и на Нова Македонија, македонските институции половично ги користат парите од европските фондови. Реално само 40%. Стопанската комора на Македонија пак проценува дека се искористени само околу 20 отсто од расположливите средства. Причините за неискористеноста на европските фондови, граѓанскиот сектор ги гледа во ненавремено програмирање и слабите административни капацитети. Најслаба искористеност покажуваат секторите транспорт и животна средина. .

Проблемот е системски – кадарот кој е подготвен да менаџира вакви проекти „бега“ од јавниот сектор и се пополнува со неписмени партиски нарачки. Институциите имаат слаб систем на контрола на јавни набавки, на проектен менаџмент, планирање и реализација. Владата нема стратегија која испорачува резултати. Ништо од ова не е работа на ЕУ. Ова е таа наша ДОМАШНА ЗАДАЧА која не си ја исполнуваме, а зависи само од нас. Трансформација на јавниот сектор во вистински сервис, награди за најдобрите за да ги задржиме, казни за оние кои не сакаат да си ја работат работата како што треба. Отказ за тие кои не доаѓаат на работа. И раководители кои си ја знаат работата и си ја сакаат државата, а не сопствениот џеб. Тоа е патриотизам.

3. Македонија е економски најнеразвиена држава во регионот.

Во време на светска економска турбуленција предизвикана од ковид-кризата, Македонија се покажа дека најслабо се справува. Еден показател е растот на бруто домашниот производ (вкупниот раст на економијата) кој во првиот квартал од 2021 година покажува пад од 1.9%, додека државите од регионот бележат раст од 5.57 (Косово), 5.53 (Албанија), 1.7 (Србија). И ако не сакате бројки, погледнете ги само инвестициите во патишта во Албанија. Погледнете ги новите странски инвестиции во Србија. Погледнете како Косово гради автопати.

Не треба ни да се дискутира за нивото на структурна невработеност (и новата невработеност во последната година), лажниот и диктиран раст на платите кога цените растат и по двојно повеќе, дезинвестирањето (недостатокот на инвестиции и од дома и од странство). Едноставно е – економијата е во клиничка смрт. Во регионот и во Европа не е така. Нема оправдување. Затоа е потребен силен ангажман на државата во два правци – 1) кратење на трошењето во административен поткуп на граѓани и нови непотребни вработувања; 2) инвестиции во инфраструктура (патишта, енергетски објекти, дигитализација) и привлекување високотехнолошки инвестиции од странство. И ова е наша домашна задача. Не зависи од „распродажба“ на македонскиот јазик и народ.

4. Образованието е со најслаби резултати во поширокиот регион – неповрзано со процесите кои значат развој.

Иако не е за фалење, вредно е за споредба. До пред 2017 година, најдобриот македонски универзитет – Св. Кирил и Методиј беше од 1000 до 1500 место на светските ранг листи за високо образование. Денес е во групата од 1500 до 2000 место. Македонските средношколци се најниско на тестирањата на знаење на ПИСА споредено со своите врсници од целиот регион. Македонија вложува во наука 10 (ДЕСЕТ) пати помалку од Србија, Словенија, Хрватска… вака не се станува извозник на знаење. Неколку решенија, кои исто така не зависат од промена на името. Прво, сите стипендирани ученици на висообразовни институции (познатата Шангајска стипендија) да се ангажираат во универзитетите во Македонија. Второ, стратегија за ПИСА тестирања според која средношколците ќе се мотивирани да направат добри резултати на тестирањата. Трето, зголемување на вложувањето во наука на државата на 1% од БДП – во проекти кои имаат апликативна вредност во бизнисот, индустријата и науката. Четврто, поттикнување на наставниците да бидат најдобри што можат преку поголем квалитет на наставничкото образование, повисоки плати според нивните успеси, континуирано образование во текот на целата кариера. Но, и казнување на оние кои не си ја вршат работата – мерит систем кој ќе носи резултати. Петто, дигитализација во образованието кое ќе носи МОЖНОСТИ а не ОБВРСКИ. Прво инфраструктура – потоа можности.

5. Корупција. Корупција. Корупција.

Не постои светска листа на која Македонија е на дното во борбата против корупција. Транспаренси, Економист, Стејт департмент, Светска банка, Меѓународен монетарен фонд. И за тоа не се виновни наставнички кои добиле подарок за 8ми март, или пак доктори кои биле почестени со „Бајадера“ за успешно завршена операција. Виновна е неказнивоста кон Ден Дончев, Катица Јанева, Рашковски, Заеви, Лидија Димова, Петре Шилегов, Златко Марин. Проблем е што погодните судии и обвинители преку ноќ стануваат уставни судии. Што се нарачуваат пресуди кон неистомислениците. Корупција е кога на суд се повеќе од 3000 луѓе кои не мислат како власта. А решението е навидум едноставно. Немилосрдно и објективно казнување на висока корупција.

За овие решенија не ни е потребна Бугарија. Потребни ни се домашни промени во начинот на размислување на граѓаните, во делувањето на бизнисите, НО најмногу и пред сè, промена на политичарите на власт. Вака веќе не ја бива, и ниту еден поткуп не може да ги натера луѓето да размислуваат дека ќе ја биде.

Голема благодарност од Тимот на Јавна администрација до Стефан Андоновски, магистер по меѓународни односи, Универзитет Џонс Хопкинс, САД

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

Кисела Вода: Организирана акција за садење дрвца

0
Во духот на грижата за животната средина и создавање поздрава животна средина за идните генерации во oпштина Кисела Вода се спроведе голема акција за...