Во Алејата на борците од НОБ свечено беше откриена бистата на Ѓорѓи Наумов, еден од главните организатори на антифашистичката борба во Битола и Битолско, од страна на градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци Александар Трајковски, во присуство на семејството на Ѓорѓи Наумов, претставници на Советот на Општина Битола, политички партии, членови на АМД „Ѓорѓи Наумов“ и голем број граѓани. Општината Битола ја спроведе целокупната постапка за утврдување на локацијата во Алејата на паднатите борци во Градскиот парк во Битола.
„Денес е посебен ден, кога поставуваме уште една биста, бистата на Ѓорѓи Наумов, во алејата на паднатите борци од НОБ,. Оддаваме конечно почит онака како што заслужува човекот кој што го даде најдрагото, својот живот, за да ние денес бидеме овде и ги имаме благодетите на слободата, за која што токму македонците како него, ги дадоа своите животи.. Посебна благодарност сакам да укажам до семејството Наумов, затоа што кога зборуваме за НОБ и кога зборуваме за каузата која што нашите македонци ја имаа во тоа време, презимето Наумов е испишано со златни букви. Токму на ваков начин можеме да потврдиме дека сме свесни, кои сме, каде сме, зошто сме. Само така можеме да ја сочуваме нашата македонштина, да се сочуваме себеси. Тоа се прави со дела“, рече градоначалничката Наташа Петровска,
Организатор на настанот беше Општинската организација на Сојузот на борците од Битола, а претседателот Александар Трајковски потсети на ликот и делото на Ѓорѓи Наумов.
„Ѓорѓи Наумов како борец на Првиот партизански одред ненадејно беше фатен од страна на бугарската фашистичка полиција и однесен во затвор. Родителите на Ѓорѓи и Стив Наумов дознаа за смртта на своите деца дури после ослободувањето на Битола на 4 ноември 1944. Фамилијата даде два синови, горостаси за слободата на нашата земја“, посочи Трајковски.
Спомен бистата е донација од АМД “Ѓорѓи Наумов“. Директорот Јонче Лајмановски истакна дека ова автомото друштво веќе 75 години гордо го носи името Ѓорѓи Наумов, а оваа биста е само уште еден показател за почит кон неговото дело.
Настанот со свои рецитации го збогатија учениците од ОУ „Елпида Караманди“ под метнорство на наставничката Фанче Јошевска.
Извор: Општина Битола