Градоначалникот Шилегов денеска одржа прес-конференција на улицата Васко Карангелески каде што почнаа градежните работи за негова реконструкција и изградба на потегот од булеварот Јане Сандански до булеварот Трета македонска бригада во скопската општина Аеродром.
– Градот Скопје денеска во општина Аеродром започнува со изградба и пробивање на улицата Васко Карангелески и реконструкција во делот каде што таа веќе е изведена. Станува збор за потег што е крајно неопходен за жителите на овој дел на општина Аеродром имајќи во предвид дека во минатото интензивно се градеше на делот на воените бараки и кај касарната Гоце Делчев, а граѓаните коишто живеат овде ја немаат потребната комуникација – кажа Шилегов.
Делот од булеварот Јане Сандански до улица Владимир Комаров ќе биде целосно реконструиран, додека на потегот до булеварот Трета македонска бригада ќе биде изведено целосно ново булеварско решение со по две коловозни ленти во правец, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
– Со изведбата на оваа улица ќе дојде до конекција на Трета македонска бригада и булеварот Јане Сандански, меѓутоа така го овозможуваме и влезот на граѓаните од Лисиче на овој дел од општина Аеродром на новиот мост којшто се гради кај хотел Русија, со што им овозможуваме брза и лесна комуникација на граѓаните од овој дел на општината и од овој дел на градот – рече Шилегов.
Тој додаде дека Градот Скопје подолжува и понатаму да работи на развојот на сообраќајната инфраструктура во скоро сите скопски општини, како и на изнаоѓање одржливи сообраќајни решенија што ќе ја зголемат ефикасноста на градскиот сообраќај.
-Им благодарам на граѓаните за трпението додека траат градежните работи затоа што работиме за тие во блиска иднина покомотно живеат во нашиот град– изјави Шилегов на денешната прес-конференција.
Вкупната вредност на проектот е 71,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е 18 месеци.
Извор: Град Скопје