Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС остро се спротивставува на изјавата на Претседателот на Владата, Г-дин Зоран Заев дека корупцијата не постои во високите ешалони на власта и дека единствено корумпирани се административните службеници.
Премиерот упорно манипулира со јавноста, но воедно и со административните службеници кои што оваа власт ги става под големи притисоци, а со цел истите да бидат осудувани од самата јавност дека се корумпирани.
Почитуван Премиер, корупцијата во највисоките ешалони на власта постои, а тоа го покажуваат бројни извештаи меѓу кои тој на Транспаренси Интернешнл и на Стејт Департментот, па што и да речете, на кого и да ја префрлате вината, Вашата Влада, заедно со Министерствата и државните органи се оние кои што се корумпирани.
Самата корупција потекнува од избраниците на Премиерот кои пак вршат политички притисок врз вработените во јавниот сектор. Корупцијата никогаш не може да се случува од доле па нагоре, туку обратно, бидејќи јавните набавки и тендерите се во рацете на функционерите коишто се избрани од страна на Владата.
Немојте вработените во администрацијата да ги ставате во неповолна ситуација, само за Вие да се извлечете, бидејќи тоа нема да Ви помине. Впрочем, многу пати во минатото сме кажувале дека од 120.000 вработени во јавниот сектор, 58.000 вработени државни службеници земаат плата од 15.000 до 17.000 денари, сума со која што не можат ни да ги покријат основните трошоци за живот, со оглед на тоа дека имаме поскапување на најголемиот дел од производите кои што ни се потребни за да преживееме.
Наместо да кажувате дека административните службеници се корумпирани, зголемете им ги платите и конечно направете дигитализација на администрацијата и престанете да вршете притисоци врз нив преку вакви изјави.
Доколку продолжите вака да ги обвинувате административните службеници, наскоро ќе се соочите со нивниот револт кој што верувајте дека нема воопшто добро да се одрази врз функционирањето на системот во државата.