На иницијатива на градоначалникот Шилегов, Град Скопје ќе му додели парична награда во износ од 300.000 денари на добитникот на сребрениот медал во теквондо (категорија над 80 килограми) на Олимписките игри во Токио, Дејан Георгиевски. Оваа одлука ќе се најде на дневниот ред на следната седница на Советот на Град Скопје.
Георгиевски предмалку слета на аеродромот во Скопје каде што беше пречекан од голем број граѓани, а свечениот пречек ќе се одржи во 19:30 часот на плоштадот Македонија.
Дејан Георгиевски по историскиот настап на Олимписките игри, каде што го освои сребрениот медал, стана најуспешниот македонски спортист на Олимписките игри, а ова е прв медал за нашава држава по пауза од 21 година.
Извор: Град Скопје