Добри меѓуетнички односи, социјална кохезија, недискриминација и толеранција, нивно имплементирање и континуирано практикување се основните постулати на Охридскиот рамковен договор кој денес одбележува јубилејни 20 години од неговото потпишување.
Сите луѓе во оваа земја заслужуваат да живеат достоинствено, да имаат еднакви права и слободи. Токму затоа е важен Охридскиот договор, бидејќи тој донесе нови можности за сите заедници, за сите луѓе еднакво да се вклучат во развојот на нашата земја. На него треба да гледаме како документ кој претставува основа за остварување на граѓанските права на сите граѓани, независно од нивната националност, и токму затоа сметам дека и понатаму треба напорно да работиме на неговото имплементирање. Затоа што тоа е правилно, и бидејќи е во согласност со современите европски вредности, кон кои тежнееме како општество. Една татковина, едно општество, за сите!
Придобивките од Рамковниот договор се видливи. Донесени се голем број на закони, законски измени и дополнувања, од кои најголем дел се закони за недискриминација и правична застапеност, потоа во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта, како начин за рамномерен економски развој. На овој начин се осигуруваме дека секој граѓанин ќе добие достоинствен живот бидејќи секој заслужува еднакви шанси.
Охридскиот рамковен договор е рамка за меѓуетнички соживот, за рамноправност, заедништво и мултикултурализам. Иако не потсетува на воениот конфликт, истовремено испраќа порака истиот да не се повтори, и секогаш проблемите да се решаваат на мирен и достоинствен начин. На крајот, Охридскиот рамковен договор ги отвори вратите сите да се чувствуваат рамноправни и сите поддеднакво да се вклучат во развојот на оваа држава.
Извор: Влада