20 септември е денот кога Општина Ѓорче Петров добива свој идентитет. На вчерашен ден пред 76 години со Одлуката на Владата на Народна Република Македонија во 1945 година тогашното Ханриево е преименувано во Ѓорче Петров. 52 години подоцна Ѓорче Петров станува и посебна локална самоуправа.
25 години општината, како посебен ентитет испишува историја на самостојност, препознатливост и успешност.
2021 година во историјата на човештвото ќе биде забележана и како година на Корона вирусот, од која научивме една лекција дека најважно е да се чуваме и почитуваме. Токму затоа почитувајќи ги сите здравствени протоколи, општината ја продолжува оваа традиција со скромно, но не помалку значајно празнување на Денот на општината.
Во реонскиот парк, пред споменикот на револуционерот Ѓорче Петров се одржа свечената церемонија но се оддржа и свечената седница на актуелниот Совет на ОЃП, со која се заокружува мандатот на 23-те советници.
Годишната награда „Ѓорче Петров 2021“ му е доделена на проф. д-р ВАСИЛ ДРВОШАНОВ, истакнат македонски публицист, лингвист, критичар и поет.
Постхумно плакета за заслуги им е доделена на семејствата на Иванчо Митревски-Мајсторот, наш ѓорчевец, еден од најеминентините писатели за деца и на Марио Шулајковски, истакнат просветен работник во ООУ ,,Тихомир Милошевски“.
Плакета и признание за демонстрираната храброст при гаснењето на пожари е доделена на Територијалната противпожарна единица -потцентар Ѓорче Петров и на сите нејзини вработени.
Плакета за првенец на генерација за Матеа Митревска.
Благодарници, пофалници и признанија им се доделени и на најдобрите ученици, истакнати просветни работници, медали за најдобите во традиционалниот крос, вработени во општината и пензионирани.
Во продолжение обраќање на Градоначалникот Александар Наумоски:
20 септември за нас ѓорчепетровци е голем ден. Ден кога пред 76 години ова населено место доби нов пасош и идентитет.
Денеска испишуваме уште еден мал, но значаен јубилеј, 25 години посебна локална самоуправа, кога Ѓорче Петров се одвојува од опшина Карпош и почнува да функционира самостојно.
Историјата е наш потсетник за она кои сме денес, што сме создале низ годините, но и како да го негуваме она за кое генерации пред нас се бореле и работеле.
Но, минатото е зад нас, а иднината пред нас. Во сегашноста, пак, драги присутни, создаваме за ние еден ден да напишеме историја и да оставиме некому вредности. Работиме напорно за нашите граѓани да имаат сигурна иднина. Работиме напорно за нашите ѓорчепетровци да живеат мирен и спокоен живот со сигурни чекори напред.
Честа да раководиш со Ѓорче Петров е голема. Драго ми е што во изминативе четири години успеав да создадам тим, со кој, од предградие на главниот град до каде се стасувало само со познатото “вовче пампурче”, прераснавме во модерна општина, дел од Скопје, инфрастуктурно и административно поврзана со градот.
На овој ден правиме пресек, се вртиме наназад, да видиме што сме сработиле и што оставаме зад нас, и да кажеме како мислиме да одиме нанапред.
Секоја година нашата општина добива нов лик, се разбира поубав. Од ден на ден се издигаме повисоко.
Работевме на многу проекти за да ги подобриме условите за живот, a граѓаните веќе не препознаваат по напорната работа, чесноста, отвореноста и транспарентноста.
Не изоставивме, ниту заборавивме сегмент од општественото живеење во сферата на локалната самоуправа, а посветени сме максимално на нови проекти од суштинско значење кои ќе донесат европски лик.
Ѓорче Петров е најосветлената општина во градот, со поставување на модерно автоматско СМАРТ ЛЕД улично осветлување. Ѓорче Петров ја добива и најмодерната градинка во Волково, чии врати за најскоро време ќе бидат отворени за околку 200 дечиња.
Учениците од Јоаким Крчоски по шест децении конечно добија соодветни услови за физичко образование со изградбата на спортската сала.
Во моментов се доградуваат две училишта, Тихомир Милошевски во Ново Село и подрачното Беровски во Хром. Очекувам да бидат завршени пред рокот, а учениците во второто полугодие да учат во новите училници.
Комплетно се реконструира и единственото средно училиште во општината Кочо Рацин.
Наше Ѓорче е една од шесте општини каде се гради затворен базен, со што пливањето станува се подостапна дисциплина за спортување на децата и младите.
Го решивме наследениот правен проблем на трговскиот центар овде во паркот. Откупен е од КАМ Маркети а неговата доградба треба да започне.
Ликот на паркот го збогативме со старите спомени за ѓорчевското Корзо.
Го донесовме Новиот клинички центар на територија на општината, на локалитетот Веле Поле. Општината ги обезбеди сите услови за отпочнување со градежните работи. Донесен е нов урбанистички план за Веле Поле, се подготвуваат проекти за инфраструктурата што ќе се изведува. Инвестицијата е вредна 500 милиони евра, се очекува опозицијата да го одблокира процесот во Собранието.
Изградивме кружен тек во Волково. Реконструирани се 110 улици , поставен е асфалт и бехатон во должина од 40 километри.
Изведени се 95% од фекалната канализација во руралниот дел од општината (Волово, Волково Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор). Поставена е фекална мрежа во должина од 40 км, а во моментов се довршуваат 8 км. Затворени се над 7000 септички јами. Во руралниот дел поставен е водовод во должина од 5 км.
Изградени се нови пракинг простори, реконструирани и изградени се над 30 детски и спортски игралишта и терени, посветено се работи во делот на социјалата, културата , образованието.
Јас, драги гости, имам уште многу да зборувам за она што следува и за она што досега сме го направиле. Но, ние не работиме за медиумите ниту за политички поени, ние работиме за граѓаните-оние кои од свој џеб ги финасираат нашите проекти. Наша обврска е да го подобриме живеењето на ѓорчепетровци, да бидеме сервис на граѓаните.
Почитувани присутни,
Да го носите името на еден револуционер како Ѓорче Петров пред се е чест но и голема обврска. За да го оправдаме именувањето треба уште многу да работиме. Општината допрва треба да ја доживее својата ренесанса
Да го направиме Ѓорче Петров посакувана дестинација за живеење, маалска дружба, учење и спортување, да ги привлечеме инвеститорите со што би го забрзале развојот на општината. Да бидеме ние пример, како што Ѓорче Петров денеска е пример за сите нас.
Нека ни е честит и вековит празникот на општина Ѓорче Петров!
Ви благодарам.
Извор: Општина Ѓорче Петров