Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку видеообраќање го честиташе Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 Септември.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев во целост:
„Денеска го славиме Меѓународниот ден на знаковниот јазик, користен од 72 милиони луѓе ширум светот. Одбележувањето на овој ден нè прави дел од прогресивните заедници во светот, афирмирачи на знаковниот јазик.
Нашата Влада, преку политиките за промовирање на можностите на граѓаните од заедниците на глуви и наглуви, го едначи знаковниот јазик со сите други говорни јазици.
Тежнееме нашето општество да ја прифати во целост оваа вредност. По нашиот пример на соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, општеството да ги применува сите можности кон нашите граѓани со оштетен слух.
Така создаваме пријателски средини за еднаков пристап и за вклучување на нашите сограѓани со оштетен слух во општествените и политички процеси. Во секојдневниот живот.
Заедно со стручните лица и во соработка со Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица влегуваме во поддршка на стандардизација на знаковниот јазик за што повеќе познавачи на овој јазик. Системски работиме да го имплементираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст.
Во моите јавни настапи, секаде каде што е возможно вклучуваме знаковни толкувачи. И отворено повикувам оваа пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици. Да го направиме сите заедно пристапот до информации што подостапен за нашите сограѓани со оштетен слух“.
Извор: Влада