spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаЕвропското досие на Северна Македонија пред високите претставници од Советот на Европа

Европското досие на Северна Македонија пред високите претставници од Советот на Европа

Во рамки на работната посета на Стразбур, вицепремиерот Димитров имаше одделни средби со генералната секретарка на Советот на Европа – Марија Пејчиновиќ Буриќ и со претседателот на Парламентарното собрание – Рик Даемс, на кои ги претстави заложбите на Северна Македонија во реформскиот процес во поглед на унапредувањето на демократијата, човековите права и владеење на правото, како и во контекст на регионалната соработка и процесот на пристапување кон Европската Унија.

На средбата со генералната секретарка Буриќ, вицепремиерот Димитров истакна дека напорите за интеграција на Северна Македонија и регионот во Европската Унија се во насока на остварување на целите на Советот на Европа и зајакнување на европскиот идентитет.

Димитров: „Советот на Европа е кредо за демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и токму тоа е суштината на пристапните преговори – приближување кон европските стандарди како одредници за градење на иднината, соработката и просперитетот. Истакнувањето на историски, јазични и идентитетски прашања што во моментов е пречка на патот на Северна Македонија кон Европската Унија е спротивно на европскиот идентитет и вредностите кои сме се договориле дека ќе ги промовираме и унапредуваме како европско општество и заедница на народи.“

Генералната секретарка Буриќ го потенцираше напредокот на земјата и придонесот во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа, при што посочи дека преку механизмите на Советот на Европа се поддржува интеграцијата на Северна Македонија и регионот како заедничка цел.

Актуелните прашања во европските интеграции беа истакнати и на средбата со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа – Рик Даемс, со кого разговараа за модалитетите за зајакнување и поддршка на процесот.

Денес Парламентарното Собрание на Советот на Европа иницираше донесување на резолуција за поддршка на европската иднина на Западниот Балкан што ќе се разгледа по поднесување на извештај кој што ќе го подготви Јоргос Папандреу.

Димитров: „Долго време, но и многу енергија вложивме за почеток на пристапни преговори со Европската Унија и пречките со кои се соочуваме го отежнуваат европскиот наратив и ја ослабуваат надежта.  Истакнувањето на ова прашање од Советот на Европа е во вистинско време ја афирмира важноста на ова прашање за иднината на Европа што не е целосна, дури не е ни возможна без вклучување на регионот како составен дел.“

Претседателот Даемс изрази политичка поддршка за надминување на предизвиците и отвореност за соработка за заокружување на европската перспектива на регионот.

Учеството на вицепремиерот Димитров на есенската сесија на ПССЕ беше заокружено со дискусија за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан и улогата на Советот на Европа во таа смисла, при што беше посветено внимание на истакнатите прашања.

 

 

 

Извор: Секретаријат за европски прашања 

Прочитајте

Мицкоски: Преку соработката на компанијата „СОКАР“ со АД ЕСМ државата ќе...

0
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“, во организација на стопанската...