Со 16 секунди молк за 16-те години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ, вицепремиерот Никола Димитров го почна својот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде се обрати како специјален гостин на есенската сесија.
„Не си ја заборавив мислата, ова беа 16 секунди, што се видоа долги, па можете да доловите колку долги изгледаат 16-те години за мојата земја што од 2005-та е кандидат за членство.
Северна Македонија покажа посветеност кон постигнување на суштински промени за европско уредување дома, но и зрелост и одлучност на вистински европски партнер, што ги разбира различните позиции и ги претвора во прифатливи решенија, затоа што ја споделуваме оваа визија за обединување на Европа.
Наметнатите пречки на патот кон ЕУ од страна на Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот.
Во 21-от век во Европа, прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членство. Не, ако Европа е континент каде се почитува културната и јазична шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор.
Кој сум јас и каков јазик зборувам не се прашања на кои може да се дозволи кој било друг да има право на збор. Тоа е лично мое прашање. Во една демократија, твојата држава не може да ти каже како се чувствуваш, а камоли некоја друга земја или организација.” – порача Димитров.
Вицепремиерот истакна дека секој компромис доаѓа со политичка цена што се плаќа дома, но оти мислата – водилка на вистинските лидери не се идните избори, туку идните генерации. Токму затоа, истакна Димитров, компромисите направени од страна на Северна Македонија, значат заземање на вистинското место во историјата, но газење врз правото на самоопределување во ниеден случај не може да биде дел од компромис, оти е спротивно на самата европска идеја:
„Затоа апелирам за одговорност и лидерство во Европа.
Западниот Балкан е составен дел на Европа, без европската перспектива е како соба во куќата што е отсечена од домаќинството и затоа пристапувањето во ЕУ е задача на регионот, но и задача на ЕУ и подразбира заемна одговорност. Европското неисполнување на ветувањата кон регионот го урива кредибилитетот на Унијата, а со тоа удира кон прогресивните сили, се дава сила на националистите, а довербата на граѓаните опаѓа. Европа не смее да си дозволи да го изгуби регионот бидејќи единствената одржлива визија за иднината на овие земји е европската.
Војните од деведесеттите години на Балканот се цивилизациски пораз за нашиот континент. Живееме во време кога темелите на светскиот поредок се разнишани и непредвидливи, регионот е место на судир на различни геополитички сили. Европа треба да размисли дали повеќе ќе ја чини инвестицијата во интеграција на Западниот Балкан или цената што ќе се плати со изоставување на регионот”, истакна Димитров.
Обраќањето на Димитров поттикна голем интерес кај членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа кои поставија бројни прашања во врска со модалитетите за надминување на предизвиците и заокружување на европската перспектива на регионот.
Говорниците упатија пораки со полна поддршка за македонската европска интеграција:
„Вие направивте се што треба. Северна Македонија заслужува преговори веднаш” – порача Џорџ Катругалос.
„Апелирам до Бугарија да престане со блокадата. Штетата е огромна” – порача литванката Лаима Андрикеине.
На прашањето упатено од бугарската пратеничка Екатерина Захариева за мерките кои ги презема Северна Македонија за справување со случаите на дискриминација и говор на омраза против граѓаните кои се изјаснуваат како Бугари, Димитров пак одговори:
„Кај нас нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност. Ниту една официјална жалба. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во којшто сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување.
Што се однесува до говорот на омраза, одговорно тврдам дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи. Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му го оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство.“
Димитров притоа повика Бугарија да се вклучи во неодамнешната иницијатива на Советот на Европа – Опсерваторјата за учење на историјата, каде засега Бугарија не учествува:
“Еве можност да работиме заедно и да градиме продуктивна атмосфера, да учиме од компаративните европски искуства за надминување на прашања кои се однесуваат на историскиот наратив“ – заврши Димитров.