Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска направи увид во изградбата на новиот кат на постојниот објект „Поточиња“ на градинката „Детелинка“, лоциран во центарот на Крива Паланка. Со надградбата на оваа градинка се зголемува капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст за 102 нови места. Објектот кој е изграден во 1972 година добива уште пет нови занимални, од кои една е наменета за деца до двегодишна возраст, а останатите четири се за хетерогени групи од две до шестгодишна возраст. Објектот се изведува според најновите стандарди со што се овозможува заштита на животната средина, бидејќи со градежните зафати се предвидува и замена на застарениот систем за греење на дрва, со нов современ систем за греење на пелети.
Со ова рече Шахпаска социјалната реформа дава резултати во сите градови низ земјава, овозможувајќи придобивки за граѓаните.
„Степенот на развој на едно општество се гледа според начинот на кој се однесуваме со нашите деца кои се нашата иднина. Ако сакаме да зборуваме за развој на нашата земја, тогаш мора да покажеме грижа за нашите деца. Ние во Министерството и во Владата на дело покажавме дека со огромна посветеност работиме на создавање на подобри услови за децата. Притоа се грижиме создавањето соодветни услови за децата да има еднаква распространетост во земјата, бидејќи за нас секое дете е важно и треба да добие еднакви услови за развој. Навистина сме горди што заедно со општините реализиравме многу проекти, а денес во Крива Паланка сме сведоци на уште еден таков проект, каде наскоро ќе можат најмладите од овој град да бидат згрижени, да се дружат и да се развиваат. Сакам да се заблагодарам и на добрата соработка со општината Крива Паланка, бидејќи овој проект е доказ за неопходноста од блиска соработка на централната и локалната власт за успешна и брза реализација на проектите кои се од интерес на граѓаните“, изјави Шахпаска.
„Благодарение на разбирањето на партнерскиот однос на Министерството за труд и социјална политика, исполнуваме уште едно дадено ветување кон граѓаните на Крива Паланка, со кое повеќе нема да има листи на чекање за запишување на децата во градинка во овој дел од нашата општина. Во следната фаза од изградбата посебно внимание ќе се посвети на опремувањето на новата градинка со кое просторот во кој децата ќе престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра“, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Проектот за подобрување на социјалните услуги и сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светската банка има за цел да го зголеми опфатот на деца во градинките и да ги подобри условите во системот за предучилишно згрижување и воспитување ширум целата земја. Во рамки на Проектот на општините им се доделуваат грантови за изградба на нови и за проширување или пренамена на постојни објекти во детски градинки и центри за ран детски развој. За зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој. На тој начин се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.
Вкупната инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во надградба на објектот изнесува над 26 милиони денари, од кои речиси 22 милион денари се вложени во градежните работи, а околу 4,3 милиони денари ќе бидат вложени во набавка на мебел и опрема. Дополнителна финансиска поддршка обезбеди и општината Крива Паланка, во износ од речиси 1,9 милиони денари.
Извор: Влада