Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утринава во својот кабинет оствари средба со претседателот на Здружението на пензионери на Општина Центар, Спиро Николовски и со секретарот на здружението, Трајко Трајановски.
Здружението на пензионери на Општина Центар со над 10.000 членови е едно од најбројните здруженија на пензионери на ниво на државата и воедно, едно од најактивните.
На средбата со претставниците од Здружението на пензионери се разговараше за моменталната состојба на општинските политики и активности за повозрасните сограѓани, но и за наредните проекти и планови за уште поинтензивна соработка.
„Како и досега, добрата соработка со Здружението со пензионери на Општина Центар ќе продолжи и во иднина. За таа цел, како што најавив и во кампањата, во план ни е отворање на три нови пензионерски клубови за дружење и рекреација и тоа во Капиштец, Крњево и близу до Универзалната сала. Веќе на пролет општината ќе помогне и при организација на пензионерски турнири во шах, пикадо стрелаштво и други активности важни за нашите повозрасни сограѓани. Ќе го поддржиме организирањето и на традиционалното новогодишно дружење со пензионерите, нормално, доколку тоа го дозволи состојбата со КОВИД 19“, изјави на средбата градоначалникот Герасимовски.
Во Општина Центар веќе функционираат 5 пензионерски клубови, во урбаната заедница Мирче Ацев во Дебар Маало, на улицата „Водњанска“, во близина на Зеленото пазарче, во населбата Пролет кај Веро Џамбо и во урбаната заедница „Мирче Ацев“, каде повозрасните можат да одмараат, да се дружат и рекреираат.
Во соработка со здружението „Хуманост“, веќе неколку години активен е и проектот „Нега Плус“, општински сервис кој на 90-тина пензионери во општината им овозможува два различни пакети на секојдневна помош и грижа од стручно лице.
Извор: Општина Центар