Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, учествуваше и се обрати на свечената церемонија на отворањето на „Првиот Самит на Националната платформа за женско претприемништво“, што денеска и утре се одржува во хотелот „Александар Палас“. На самитот „Нови перспективи за женско претприемништво“ ќе учествуваат над 100 учесници од земјава и од странство, а ќе се одржат и работилници поврзани со развојот на женското претприемништво и пристапот до финансии.
– Имав чест да бидам дел од тимот којшто пред една година почна со Националната платформа за женско претприемништво, а сега ја имам привилегијата да се наоѓам на позицијата која ќе биде темелна поддршка на жените претприемачи преку Советот за поддршка на женското претприемништво во Градот Скопје. Во приватниот сектор жените имаат права, но не секогаш имаат еднакви можности. Работевме заедно во овие изминати години за да докажеме и да покажеме дека треба напредокот да биде базиран врз основа на меритократија, да биде дозволено секоја жена која има доволно квалификации, сила, знаење да може да обезбеди подобро утре за себе и за своето семејство и да го реализира она во коешто верува. Овде гледам многу силни жени, најголем дел од вас и лично ве познавам зашто сме ја имале таа можност преку Сојузот на стопански комори на Македонија, но и преку преостанатите организации со кои соработувавме изминативе години, да воспоставиме соработка и верувам дека така ќе продолжиме и во наредните години – рече денеска во своето обраќање градоначалничката Арсовска.
За разлика од политиката што предвидува квоти, истакна понатаму таа, во приватниот сектор квоти нема.
– Во приватниот сектор жените се борат за секое место, таму нема гарантирани квоти. Со оглед на тоа дека во Европа просекот на жени на високи корпоративни позиции е некаде околу 12 проценти, во Македонија оваа бројка, за жал, се намали од 2 проценти на еден процент во изминатите две години, што е факт кој што поразува, но истовремено треба и да мотивира и да даде сила да продолжиме онаму каде што застанавме, а тоа е да се избориме овие можности секоја жена да ги добие – нагласи Арсовска.
Таа додаде дека Градот Скопје за првпат има програма која предвидува преку Советот за поддршка на женското претприемништво на едно место да се обединат сите релевантни засегнати страни кои се залагаат за поддршка на женското претприемништво, со цел да се креираат политики кои се важни и кои треба да донесат резултати какви што се очекуваат.
Извор: Град Скопје