spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeИнтервјуаМФ: Со новиот буџет нудиме сигурност и стабилност, но и развој на...

МФ: Со новиот буџет нудиме сигурност и стабилност, но и развој на државата

Во ек на голема политичка криза и партиски препукувања во земјава, една работа е кристално јасна, а таа е дека не смее да се потфрли во носењето на најзначајниот економски документ, Буџетот за идната година, од кој зависи како ќе се финансираат сите потреби на државата. Опозицијата како и вообичаено, го дочека со критики, тврдејќи дека е гломазен, неразвоен и нереален, но заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски има бројни аргументи во одбрана на вака скроената државна каса. Во интервју за Фактор, Ковачевски објаснува зошто овој буџет ќе донесе и подобра инфраструктура, но и поголема конкурентност на нашата економија, зошто ќе го унапреди здравството, образованието, но и ќе го зголеми животниот стандард на граѓаните. Ќе има пари, уверува Ковачевски, и за плати и пензии, со што се гарантира сигурноста и стабилноста, но и за капитални инвестиции повисоки од буџетскиот дефицит, со што ќе се обезбеди и развој на државата. Ковачевски во интервјуто објаснува на што Владата ги темели оптимистичките проекции за висок економски раст и бруто инвестиции, зошто очекува дека идната година од ДДВ ќе собере над една милијарда евра и кој е моторот што ќе ги размрда економските текови. Зборувавме и за тоа дали е реално да се очекуваат капитални инвестиции поголеми од 615 милиони евра и како Владата планира таа сума и реално да ја искористи. Зошто се предвидени над две милијарди евра за социјални трансфери, но и дали во Буџетот за следната година има доволно пари за амортизација на евентуална енергетска криза и ценовни шокови, во интервјуто на Фактор со заменик министерт за финансии, Димитар Ковачевски.

 

Во Собранието стартуваше расправата за најважниот економски документ на државата, Буџетот за 2022 година. Со оглед на специфичната политичка ситуација во Собранието и распоредот на силите, дали очекувате дека тој навреме ќе биде изгласан, иако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да прават опструкции?

Ковачевски: Значајно е Буџетот да биде донесен од страна на Собранието навреме, бидејќи обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.

Буџетот е крвотокот на државата, што значи дека со неговото гласање, се гласа за развој на државата, за капитални инвестиции што ќе значат подобра инфраструктура, и подобрување на конкурентноста на нашата економија, се гласа за подобро здравство, за подобро образование и за подобар стандард на граѓаните. Се гласа за навремена исплата на пензиите, социјалните трансфери и поддршката на земјоделците.

Во време кога се уште се бориме со последиците од пандемијата, поддршката на стопанството и на здравствениот сектор е клучна.

Во однос на роковите коишто треба да се почитуваат, целата постапка на подготовка и донесување на Буџетот е пропишана со Закон, каде се предвидени прецизни рокови. Согласно со нив, предлог Буџетот пратениците треба да го усвојат на пленарна седница најдоцна до 31 декември годинава.

Сите економски предвидувања за идната година како Влада ги темелите на очекуван економски раст од 4,6 отсто, како и зголемување на бруто инвестициите од 8,5 проценти. Дали се реални овие прогнози, со оглед што пандемијата, барем засега, никако да се смири и стабилизира, а политичката ситуација во земјава е нестабилна, па наредната година е многу извесно дека ќе треба да се одржат и парламентарни избори?

Ковачевски: Во 2021 година, и покрај продолжените ефекти од пандемијата, домашната економија се опоравува со забрзана динамика, при што растот на економската активност во првото полугодие од годината достигна 5,2 отсто, и тој е на широка основа, што значи дека растот е воден од повеќе сектори (трговија, индустрија, услужен сектор итн.). Во 2022 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 4,6 отсто, во услови на зголемување на инвестициите, солиден раст на потрошувачката и стабилизирање на надворешната побарувачка. Во услови на зголемени капитални расходи за подобрување на физичката инфраструктура, придружени со мерки и активности за нивна поголема реализација, но и поинтензивен прилив на странски инвестиции, што ќе придонесе кон раст на приватните инвестиции, бруто-инвестициите е предвидено да забележат реален раст од 8,5 отсто, односно се очекува да бидат значаен фактор за економскиот раст во 2022 година, но и на среден рок. Дополнително, инвестициите ќе бидат поттикнати и преку државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата, преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање, што е еден од клучните аспекти на Планот за забрзан економски раст.

Воедно приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5 отсто, во услови на понатамошен раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и зголемување на дознаките од странство.
Извозната активност се предвидува да забележи раст од 8,3 отсто во 2022 година, како резултат на понатамошно стабилизирање на глобалните синџири на производство и растот на надворешната побарувачка во услови на зголемената економска активност кај најзначајните трговски партнери, пред сѐ, Германија.

Ваквите очекувања и политики се основа за проектирање економски раст од 4,6 проценти. Секако, основното макроекономско сценарио е придружено со ризици, кои главно се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, како во земјата така и на меѓународно ниво.

Она што паѓа во очи кога ќе се погледне приходната страна на планираната државна каса за идната година, е дека власта идната година планира да собере 1,012 милијарди евра од данокот на додадена вредност, што е за прв пат да се надмине психолошката граница од една милијарда евра очекувани приходи од овој данок, и за дури 140 милиони евра зголемување во однос на ребалансираниот буџет за оваа година. На база на што ги темелите овие толку високи и амбициозни очекувања од ДДВ, која е таа потрошувачка која толку многу ќе го стимулира порастот на овој данок?

Ковачевски: Ваквите проекции ги темелиме на основа на проектирана зголемена приватна потрошувачка, натфрлувањето во однос на реализацијата на приходи од ДДВ годинава, но и активностите и политиките коишто се спроведуваат во насока на намалување на сивата економија.

За догодина приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5 отсто, во услови на понатамошен раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и зголемување на дознаките од странство. Позитивен ефект врз приватната потрошувачката ќе има и очекуваното подобрување на епидемиолошката состојба, преку зголемен опфат на имунизација и зголемување на искористеноста на услужните капацитети.Во однос на сегашната реализација на Буџетот, во делот на приходи од ДДВ имаме натфрлање на планот за годинава. Така, од почетокот на годинава заклучно со 16 ноември, приходите од ДДВ изнесуваат 50,1 милиjaрди денари, што е за 26,7 проценти повеќе во однос на истиот период лани.

Исто така, намалената сива економија, односно намалената даночна евазија преку сите механизми кои Министерството за финансии и органите во состав ги спроведуваат,се главен приоритет на Министерството, и секако се една од главните причини за очекуваниот пораст на приходите од данокот на додадена вредност.

За идната година власта планира да потроши дури 4,43 милијарди евра преку буџетската каса, што го прави овој буџет најгломазниот досега во историјата на земјава. Која е Вашата одбрана, зошто ќе мора да се потрошат толку многу пари и не можевме ли да бидеме малку поштедливи и повнимателни во услови на се уште незавршена ковид пандемија и голема задолженост на земјава?

Ковачевски: Наредната, 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во овој Предлог-буџет се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Притоа во услови на се уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето на населението, а неизоставен дел е редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата.

Соочувајќи се со новата реалност како резултат на предизвиците од пандемијата, со цел закрепнување и обновен напредок, во ова време на крупни промени, ние, како Влада, сме насочени кон реализација на Планот за забрзан економски раст (Growth Acceleration Plan), како генерална рамка која се состои од сите елементи кои би можеле да придонесат за подобро искористување и зголемување на потенцијалот за раст на среден рок. Покрај тековните активности кои ги утврдивме, предлагаме иновативни начини за финансирање на инвестициите, за користење на сите достапни средства од официјалните кредитори и, конечно, да ги искористиме сите можности за мобилизирање на приватните инвестиции.

Приватните извори на финансирање ќе се поттикнат со јавните извори на финансирање и со широка палета на конвенционални и иновативни механизми и инструменти за финансирање.
Проценетите комбинирани ефекти од Планот за забрзан економски раст (2022-2026) изнесуваат 12 милијарди евра инвестирани во проекти дизајнирани и спроведени од страна и на јавниот и на приватниот сектор.

Планирате постепена фискална консолидација, но сепак, според Буџетот, буџетскиот дефицит идната година треба да изнесува 545 милиони евра, а јавниот долг се очекува да достигне 65,5 отсто од БДП. За експертите ова ниво на долг е веќе „црвена“ зона, а е и над мастришкиот критериум. Дали ова треба да не загрижува, и има ли опасност да не може да се сервисира јавниот долг?

Ковачевски: На европско и на регионално ниво умерено високите буџетски дефицити се потребни и во 2022 година за поддршка на економијата и постигнување забрзан одржлив и инклузивен економски раст. Прекумерно брзата фискална консолидација би го отежнила економското заздравување. Ако ги земеме економските проекции на ММФ, за следната година во Турција, на пример, е планиран буџетски дефицит од 5,6 отсто, во Шпанија 5 проценти, Италија 4,7 отсто како процент од БДП итн.

Ние за следната година планираме буџетски дефицит на ниво од 4,3 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ 33,5 милијарди денари. Планираниот дефицит е во согласност со проекциите утврдени во Фискалната стратегија за 2022-2026 година и определбата за фискална консолидација. Овој буџетски дефицит ја потврдува одржливоста на проекциите, определбата за буџетска дисциплина, редизајн на буџетската потрошувачка, преку зголемено учество на капиталните и инфраструктурните проекти во вкупните расходи.

Притоа планираниот буџетски дефицит за следната година е единствено поради реализација на капиталните инвестиции, кои за следната година се планираат на ниво повисоко од дефицитот, со што го постигнуваме златното правило во јавните финансии.
Со цел постигнување на фискална одржливост преку намален буџетски дефицит за 2022 година, се наметнува потребата од рационализација на јавните расходи, мерење на резултатите од реализацијата на расходите, како и зголемување на ефикасноста на трошењата. Со Буџетот за 2022 година се предвидува закрепнување на економијата погодена од КОВИД-19, забрзан раст со зголемени капитални инвестиции, како и одржување на фискална стабилност преку намалување на буџетскиот дефицит во однос на претходната година. Согласно среднорочната стратегија, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува. Предвидено е тој до 2026 година да се намали на ниво под три проценти. Така, за 2023 година дефицитот е планиран на ниво од 3,5 отсто, за 2024 на ниво од 2,9 отсто, за 2025 година 2,5 отсто и за 2026 година е планиран на ниво од 2,2 проценти. Во однос на јавниот долг, со второто читање на Буџетот во Влада ќе доставиме ревидирана стратегија за управување со јавниот долг.
Јавниот долг во 2022 година, според неофицијални проекции, ќе достигне ниво од 63,5 отсто од БДП, што е пониско од постојната проекција во Стратегијата за управување со јавен долг каде изнесува 65,9 отсто од БДП.
Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, Министерството за финансии првпат во историјата на економската независност воведува нови видови финансиски инструменти и тоа: развојни обврзници, обврзници индексирани со инфлацијата, зелени и проектни обврзници, кои воедно се дел и од Планот за забрзан економски раст.

Согласно податоците, кои како што кажав погоре, во моментов се ажурираат, се очекува јавниот долг во 2026 година да биде под границата од мастришкиот критериум, односно под 60 отсто.

Кога ќе издадете еврообврзница и на колкава сума, а се работи ли и на другите видови еврообврзници?

Ковачевски: Издавањето на еврообврзница преставува редовен инструмент во земјите од целиот свет за обезбедување на финансиски средства како за покривање на буџетскиот дефицит така и за финансирање на капитални проекти. Издавањето на еврообврзница носи придобивки воедно и за платно билансната позиција на државата.

За наредната година планираме отворање на некоја од постојните еврообврзници, и во зависност од движењата на пазарот на капитал ќе се пристапи кон реализација. Износот планиран за оваа активност изнесува 250 милиони евра. Секако, секогаш постојат и други опции за обезбедување на овие средства, една од нив е и преку заем од некоја од странските комерцијални банки.

Исто така се разгледува и опцијата за издавање зелена обврзница. „Зелените обврзници“ќе бидат понудени со цел поттикнување проекти кои ја поддржуваат „зелената агенда“ и транзицијата кон зелена економија со цел, подобрување на енергетската ефикасност; спречување или намалување на загадувањето; олеснување на управувањето со отпадот; поддршка на одржливи земјоделство, риболов и шумарство; заштита на водните и копнените екосистеми; чист транспорт и одржливо управување со водите; негување технологии што се еколошки, итн. За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за еколошки прифатливи инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат за капитални расходи. Воведувањето на овој инструмент, на среден рок ќе помогне во развојот на финансискиот пазар. Со цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и следење на светската практика, Министерството за финансии работи на диверзификација на изворите на финансирање и воведување на нови видови на финансиски инструменти кои ќе имаат различна примена.

Јавноста се уште не можеше да прочита едно силно аргуменирано образложение зошто за идната година се планирани толку високи капитални инвестиции, од дури 615 милиони евра, што е за дури 130 милиони евра повеќе од сумата во ребалансот за оваа година. Знаеме како низ годините наназад не се успева да се реализираат планираните капитални расходи, а еве и за годинава, за девет месеци остварувањето е само 47 отсто. Кажете ни зошто предвидувате толку многу пари за капитални инвестиции и како може да гарантирате дека тие и навистина ќе се потрошат така како што е планирано?

Ковачевски: Во периодот од 1 јануари до 12 ноември2021 година реализирани се средства за капитални расходи во вкупен износ од 16,5 милијарди денари, што претставува 59 отсто од вкупно предвидените капитални расходи за 2021 година.Во истиот период, учеството на реализираните капитални расходи во вкупните реализирани расходи достигна 7,4 отсто.Споредено со истиот период во 2020 година, реализацијата на капитални расходи е повисока за 6,6 милијарди денари или 66,2 отсто.Ова покажува дека воведениот КАПЕФ механизам веќе дава резултати, при што примената на истиот продолжува и следната година. Овој механизам предвидува секој квартал во годината да се прави контролаи да се реалоцираат средствата со цел подобра реализација. Дополнително, наредната година воведувамебуџетирање базирано на резултати. Преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите што се постигнуваат,ќе се постигне подобра ефикасност и ефективност на јавните расходи. За оваа цел веќе со Буџетот за 2022 се воведуваат петгодишни индикатори за успешност на реализацијата на капиталните расходи, наречени инпут и аутпут индикатори, на коишто ќе се работи со техничка помош од меѓународни финансиски институции, како што е ММФ.Капиталните расходи следната година се планираат на ниво од околу 37,8 милијарди денари.Според сите карактеристики, предложениот Буџет за 2022 година е развоен буџет. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 отсто во однос на 2021 година. Тие ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Многу е важно што со овој Предлог-Буџет го постигнуваме и златното правило во јавните финансии. Во 2022 година капиталните инвестиции првпат во последнава деценија ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе позајмуваме само за инвестициски проекти. Капиталните инвестиции во 2022 година ќе имаат историски највисоко учество од 14 отсто во вкупните буџетски расходи.
При реализацијата ќе се водиме од принципот вредност за вложените пари(value for money) што значи дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.

Преку воведеното буџетирање базирано на резултати ќе се постигне подобра ефикасност и ефективност на јавните расходи, преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите што се постигнуваат. На буџетирањето не смее да се гледа како на изолирана иницијатива, туку како на дел од пошироките институционални реформи, чија цел е повисок квалитет на живот на сегашните и идните генерации.Вака предложениот развоен буџет за 2022 година ќе обезбеди непречено финансирање на функциите на државата, но и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

Владата се пофали дека за идната година ќе ги намали тековните расходи, како и трошоците за стоки и услуги, но затоа има раст кај трошоците за плати, односно тие ќе изнесуваат дури 531 милиони евра, поради зголемувањата кај здравствените работници, судството, обвинителството, инспекторите, културата… Дали овие зголемени расходи ќе бидат само поради повисоките плати, или ќе има и нови вработувања во јавната администрација, бидејќи Владата во Буџетот ветува дека „ќе ги држи под контрола новите вработувања“?

Ковачевски: Зголемувањето на платите во 2022 година е за здравствените работници, кои во услови на пандемија даваат натчовечки напори за да се грижат за здравјето на сите граѓани, во правосудството, во делот на инспекциските служби коишто треба да придонесат за намалување на сивата економија.
Севкупно, остануваме на определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, но и подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи.

Ова може да се види и доколку се анализираат расходите за плати како процент во вкупните расходи, коишто покажуваат намалување во последните години. Така ако тие учествувале во 2016 година со 14 отсто во вкупните расходи, од 2017 и 2018 година се на ниво од 13,3 и 13,2 отсто соодветно, додека во 2019 и 2020 година се сведуваат на ниво од 12,8 и 12,2 проценти, а во 2021 година нивното учество во вкупните расходи изнесува 11,8 отсто.

Можете ли да ни објасните за што конкретно идната година за социјални трансфери ќе се потрошат над две милијарди евра, односно 2,024 милијарди евра, и како од еден Буџет се очекува да биде развоен ако речиси половината од парите во него се предвидува да одат за социјала?

Ковачевски: Во социјални трансфери кои се планирани во износ од 124,49 милијарди денари се вклучени сите планирани износи кои обезбедуваат непречено финансирање и исплата на следните расходи. Трошоци за пензии во износ од 64,35 милијарди денари кои се зголемени во однос на 2021 година по основа на поголем број на очекувани корисници и редовно усогласување на пензиите согласно Законот за ПИО. Транзициски трошоци, кои се однесуваат на трансфер до вториот пензиски столб, по основ на придонеси од задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во износ од 9,87 милијарди денари. Надоместоци за невработени, кои се однесуваат на паричен надоместок и други права за време на невработеност во износ од 1,4 милијарди денари. Активни мерки за вработување, кои се однесуваат на мерките кои се предвидени во Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување, во кои се дефинираат целните групи на невработени лица во износ од 1,81 милијарди денари. Социјални надоместоци, кои се однесуваат на правата за социјална заштита, надоместоци за цивилни инвалиди од војната, за борци и воени инвалиди и социјални надоместоци за детска заштита во износ од 11,09 милијарди денари. Здравствена заштита кој во основа е буџетот на ФЗОМ, од кои во најголем дел се финансираат здравствените услуги преку јавните здравствени установи и надоместоците за боледување во износ од 36,05 милијарди денари. Како што гледате се работи за ставка која е многу значајна за голем дел од граѓаните и преку која буџетот гарантира непречена исплата на пензиите, финансирање на здравствените услуги и социјалната помош како и на активните мерки за вработување.

На првиот ден од собраниската расправа на матичната Комисија за Буџет, опозицијата, меѓу другото, се интересираше и зошто идната година за пензии ќе бидат исплатени 1,05 милијарди евра. Кој е Вашиот одговор?

Ковачевски: Со Предлог-буџетот во 2022 година се проектирани 64,3 милијарди денари, што е за 2,8 отсто повеќе од планот за 2021 година. Целта ни е како Влада да овозможиме достоинствено ниво на животниот стандард кај повозрасните граѓани. Кај пензиите согласно закон, откако е оваа Влада, се врши два пати во годината усогласување со трошоците за живот. Согласно Законот за пензиско и инвалдиско осигурување, редовното усогласување на пензијата се врши од 1 јануари и од 1 јули според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи. Така што наредната година ќе имаме како и претходните години усогласување на пензиите во јануари и во јуни, кои пак, согласно зголемените трошоци регистрирани од страна на Државниот завод за статитика ќе треба тоа да се рефлектира и кај пензиите. Дополнително од 2019 година покрај редовното се предвидува и дополнително усогласувње на пензијата во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отстои исто така, дополнително усогласување при постоење пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и проаст на просечната плата во претходната година за повеќе од 5 отсто.

Земјава прогласи енергетска криза во траење од 30 дена, поради високите цени на енергенсите и неопходноста да им се помага на енергетските компании, за што годинава уште во првата фаза се предвидоа 65 милиони евра. Дали во Буџетот за идната година се предвидени доволно средства за амортизација на евенутални енергетски шокови кои би можеле да се пролонгираат и идната година?

Ковачевски: Во предлог буџетот за 2022 година се предвидени средства и за енергетска криза. Во буџетот за следната година во посебна програма резервирани се 5,4 милијарди денари за да може државата да одговори на вакви кризни ситуации како што е енергетската криза и кризата со ковид 19.

Во насока на ублажување на последиците од оваа енергетска криза која е со пошироки размери и не ја опфаќа само РС Македонија,веќе се преземаат соодветни чекори. Прогласена е кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба согласно Законот за енергетика. Веќе се обезбедени 4 милијарди денари од Буџетот во 2021 година и префрлени се на АД ЕСМ за обезбедување дополнителни количини електрична енергија,. Дополнително за заштита на најранливите категории Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за економија се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија. Ваква мерка веќе се спроведува, при што на 45.622 граѓани од ранливи категории добиваат 1.000 денари додаток за покривање на трошоци за греење. Мерка која, исто така, ја донесовме и веќе се спроведува, а беше во насока токму на заштита на стандардот на граѓаните, е намалувањето на ДДВ кај електричната енергија од 18 на 5 отсто за домаќинствата. Сѐ што се презема е во насока на обезбедување доволни количества електрична енергија и ублажување на ценовниот ефект.

Предвидувате идната година стапката на инфлација да изнесува 2,4 отсто и таа да се стабилизира во втората половина на годината. Дали тоа не е премала стапка со оглед на растот на цените и има ли Владата начин и план како воопшто да ги заштити граѓаните од евентуални значајни ценовни зголемувања?

Ковачевски: Стапката на инфлација во првите девет месеци од годинава изнесува 2,8 отсто и е движена главно од растот на цените на храната и енергенсите поради ценовните притисоци предизвикани од надворешни фактори. Порастот на цените на примарните производи и на енергијата се очекува да се стабилизира најдоцна до средината на наредната година, така што стапката на инфлација е проектирана на 2,4 отсто. Се работи за предвидувања на глобално ниво што е во линија на проекциите на меѓународните финансиски институции. Владата, се разбира, како и досега, ќе презема активни мерки согласно проекциите и актуелните пазарни движења и ќе работи координирано со монетарната политика.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

МОН: Јаневска – Францускиот јазик е дел од нашата историја, но...

0
Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен...