Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера присуствуваше на церемонијата по повод јубилејните 20 години постоење на Универзитетот на Југоисточна Европа. Покрај раководството и наставно научниот кадар од универзитетот, на прославувањето присуствуваа и други владини претставници, како и претставници на дипломатскиот кор.
Царовска истакна дека универзитот зад себе има многу создадени генерации на студенти кои веќе успешно се вклучени, па дури и ги предводат процесите во сите општествени сфери и сегменти.
„Тоа се генерации кои работат и имаат придонес во полето на образованието, во полето на науката, политиката, развојот на технологијата. Генерации кои имаат и една друга вредност вградена во секоја индивидуа, а тоа е почитта кон различностите, мултиетичноста и мултикултурализмот. Овој универзитет е средина во која се среќаваат различни култури и има голем придонес кон визијата на актуелната владина гарнитура за градење на едно и еднакво општество за сите. Продолжете да бидете меѓу првите не само во земјата и регионот, туку и на поширокиот образовен и научен простор “, рече Царовска.
Универзитетот на Југоисточна Европа е формиран преку уникатен модел на јавно приватно партнерство, кој за многу кратко време потоа се покажа како исклучително ефикасен и успешно ја ефектуираше првичната идеја. Институцијата од самиот почеток понуди квалитетна и современа настава, добар наставен кадар, модерна инфраструктура, услови за наука и истражувања и привлече многу студенти не само од државата, туку и од земјите во регионот. Јас ви посакувам уште повеќе и уште поголеми успеси во иднина“, рече Царовска.
По повод 20 години од основањето на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Mинистерката Царовска доби благодарница за соработка, како еден од најистакнатите поодржувачи на Универзитетот на Југоисточна Европа. За неа, тоа е мотив за интензивирање на заложбите за обезбедување подобри образовни можности за младите и подобри услови за работа за наставниот, научниот и истражувачкиот кадар и воопшто на сите вработени во образовните установи.