– Со многу пари и тоа пари од граѓаните. Ние сега и да сакаме да се справиме со кризата не можеме поинаку. Зошто? Затоа што кога цените на нафтата беа ниски, ние не создадовме залихи. Не ги антиципиравме правилно ризиците и не ги зголемивме залихите. Тогаш можевме да купиме доволно мазут, нафта и нафтени деривати по многу ниски цени. Кога цената на струјата беше ниска ние не купивме фјучерси и кога требаше да направиме ремонти во енергетските капацитети и да ги отвориме рударските окна за да може денес да копаме јаглен, ние тоа тогаш не го направивме. Наместо тоа да биде сторено, властодршците се организираа во картелски здруженија, со цел да остваруваат лични профити, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто дадено за порталот Плус инфо, одговарајќи на прашањето како би се решила енергетската криза која се случува во Република Македонија.
Мицкоски рече дека четврта аномалија на овој процес е и лошото менаџирање со водниот потенцијал, бидејќи резервите за вода кои се користат за производство на електрична енергија, се нула.
– Оваа ситуација ќе се исправи со трошење на буџетски средства. Ако ја следиме стапката на средствата кои до сега се потрошени за купување на струја и сервисирање на загубите од задоцнетите ремонти, тогаш до крајот на зимата сумата за санирање на кризата што ќе треба да се издвои од државниот буџет би можела да достигне и 250 милиони евра, истакна Мицкоски.